(ВИДЕО) ДЕСЕТТЕМИНА МУЗИЧАРИ ПРЕФРЛЕНИ ОД КАСАРНАТА ПЕПЕЛИШТЕ ВО ЗАВОДОТ ДЕМИР КАПИЈА

3

Со полициска придружба, од касарната во Пепелиште, десеттемина музичари од Струмица и Битола попладнево со комби се префрлени во реновираниот објект на Заводот Демир Капија. Тие неполни 24 часови беа сместени во касарната на Пепелиште, каде што вчера исто така во конвој со полиција беа спроведени од граничниот премин Деве Баир. Во воениот објект тимови од епидемиолози им извршија прегледи, по што тие се транспортирани во Демир Капија. Музичарите доаѓаат од Австрија и ќе останат во 14 дневен карантин.

Тие синоќа се жалеа на условите во касарнара, но сега, во Заводот ќе ги имаат сите услови за нормално живеење, вели директорката на Заводот. Полицијата ќе ги обезбедува 24 часа. Нема ни трага ни глас од 200-те македонски државјани, кои според најавите на министрите за здравство, надворешни и внатрешни работи, вчера во конвој требаше да ја поминат границата на Деве Баир. Но, воопшто постои ли толкава група, дилемата ја отвори денеска премиерот Оливер Спасовски, кој на прес конференцијата напладне рече дека граѓаните сами се јавувале и кажале дека се околу 200 луѓе патуваат кон земјава, за да излезе дека до овој момент се само 10. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека овие 200 луѓе не се влезени во земјава, но државата е подготвена да ги прифати сите што ќе пристигнат на граничниот премин Деве Баир.

На граничниот премин Деве Баир во текот на вчерашниот и денешниот ден влегле вкупно 300 македонски државјани и сите потпишале изјава за самоизолација, информираат од Полициската станица за гранична проверка и граничен надзор Регионален центар Исток. Оттаму посочуваат дека во текот на вчерашниот ден и целото деноноќие, преку Деве Баир влегле 250 наши државјани, а денеска до 14 часот дошле 50 наши граѓани. Најавениот конвој што вчера се очекуваше да пристигне и околу 200 граѓани со автобуси да се сместат во карантин во Пепелиште, велат, не пристигнал. Единствено пристигнала групата музичари жители на Битола и Струмица, кои допатувале од Австрија.