Храна ќе има, бизнисот ќе трпи, велат велешките стопанственици

1

Без паника, храна ќе има. Ваква порака до граѓаните упатија денеска од прехрамбената индустрија Благој Ѓорев од Велес, откако вчера во земјата беше прогласена вонредна состојба. Од фабриката попозната како Маслодајна велат дека залихи од зејтин, но и од други прехрамбени производи има најмалку за половина година.

„Целата прехрамбена индустрија е максимално инволвирана да обезбеди континуитет во работењето и снабдувањето на храна во маркетите и другите продавници. Исто така, Благој Ѓорев има доволно количини на масло и други производи кои ги нуди од асортиманот за шест месеци, но и необработен сончоглед, кој ветува уште подолг период на снабденост“, велат од Маслоданја.

Прехрамбена индустрија „Благој Ѓорев“

Посебни хигиенски услови, редуцирање на бројот на вработени, забрана за групирање на повеќе луѓе на едно место, се само дел од мерките кои ги преземаат велешките компании во услови на вонредна состојба. Во најголемата фабрика во Велес која произведува компоненти за автомобилската индустрија „Маркарт“ велат дека работат со намален обем на производство, бидејќи дел од вработените се пуштени на одмор, согласно препораките на Владата.

„Ние вложуваме големи напори за да го одржиме процесот на работа и во оваа вонредна состојба, кога имаме отсутни вработени и кога достапноста на компоненти потребни за процесот на производство е ограничена. Ги следиме сите препораките како што се: организирање на работата во смени, дезинфекција на рацете и работните простории, посебен режим на послужување на храна и дезинфекција на возилата за превоз на вработените, како и мноу други интерни мерки за превенција. Од оваа перспектива, не би можеле да ги квантифицираме загубите кои секако ќе ги има. Се соочуваме со зголемени трошоци за испорака. Притоа, оневозможено е доаѓањето на нашите клиенти, како и сервисери на нашата опрема кои вообичаено доаѓаат од странски држави“, велат од Маркарт.

Маркарт Македонија

Слично е и во велешко Брако.

„Како компанија која е пред се одговорна за безбедноста и здравјето на своите вработени, бидејќи за да имаме успешна и здрава компанија такви треба и да се нашите вработени, Брако презема мерки кои беа дури и поограничувачки и пред мерките посочени од владата. Така уште на 09.03.2020 година, се даде насока да се откажат сите службени патувања надвор од државата, а на најавените посетители од странство им се откажаа посетите и целата конверзација со странство се одвива on-line. Исто така на вработените им препорачавме да ги откажат доколку можат и своите приватни патување. Понатаму на вработените и писмено и се обративме, со тоа што им препорачавме да избегнуваат ракување и прегрнување при поздравување со колегите и лицата кои се посетители, да ја зголемат својата лична хигиена и почесто да практикуваат миење на рацете. Дополнително набавивме средства за дезинфекција, и формиравме тим за дезинфекција кој врши дезинфекција во компанијата, а особено на влезовите и тоалетите. Понатаму работната група која секојдневно ја следни состојбата, на 16.03.2020 презема мерки со кои пристапот на посетители во Брако се ограничува и контролира, а се воведе и посебен протокол за прием и испорка, на добра во и од Брако. Се уште е рано да можеме да дадеме проценка како кризата ќе влијае на економското работење на компанијата. Она што е евиденто е тоа дека повеќе од 20 вработени се отсутни поради мерките кои се преземаат, како и тоа дека транспортот при увоз и извоз е значително отежнат“, велат од Брако.

Брако

Со намалени ресурси работат и државните компании. Во шумското стопанство Бабуна ги ослободиле од работа родителите со мали деца и хронично болните, кои, согласно владината одлука, потпишале изјави дека доколку има потреба, ќе дојдат на работа неколку часови.

„Ослободивме родители на деца до 10 години, такви имаме тројца вработени. Освен нив, уште двајца вработени донесоа медицински белешки дека имаат хронични заболувања, како што се кардиоваскуларни или карциномвни заболувања и истите тие ги почитуваме. Во моментов имаме скратено работно време на останатите вработени. Нашето нормално работно време е од 6:30 часот до 14:30 часот, но сега го скративме од 7 наутро, до 13:30 часот. Производниот процес се организира, мора да се работи. За оние работници чии работни задачи се на терен, на планина, нивното работно време не се редуцира, секојдневно одат на терен, а за оние вработени чии работни задачи се во канцеларија, работното време не е повеќе од пет часа“, рече Љубинка Попова, директорка на Шумско стопанство „Бабуна“ – Велес.

Љубинка Попова – директор на Шумско стопанство „Бабуна“

Кризата ќе ја погоди велешката економија, согласни се стопанствениците. Дел од нив велат дека сеуште не прават загуби, но ако ситуацијата потрае, штети сигурно ќе има.