(ВИДЕО) Филипче: Шест нови случаи, меѓу кои едно 4 годишно дете, се чекаат уште 35 резултати

2
Venko Filipce 19.03.2020

Бројот на граѓаните заразени од коронавирус во земјата е во благ пораст. Се надевам дека кривата ќе продолжи да биде вака релативно рамна и ќе нема силни пикови. Сметам дека здравствениот систем засега е добро менаџиран. Добро е тоа што пациентите се откриваат во рана фаза од болеста, рече министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес конференција за состојбата со КОВИД-19 во земјава.

Тој откри дека сите пациенти се во стабилна состојба, вклучувајќи ја и жената што е на респираторна машина.

„Ова не е нешто со што можат да се справат само здравствените работници. Апелирам дека во ова треба да учествуваме сите заедно, сите граѓани“, рече Филипче, информирајќи дека регистрираните шест нови пациенти, се по еден во Скопје, Штип и Гостивар и три во Дебар.

Коронавирус е детектиран кај едно 4 годишно девојче од Штип, кое заедно со семејството на 14 март се вратило од Англија.

„Се прави епидемиолошката анкета и се проширува листата на лица со кои контактирале новите пациенти од Скопје, Штип и Гостивар за земање брисеви. Во Скопје имаме еден нов случај, лице што било во контакт со претходно заболено лице. Во Гостивар е регистрирана жена заразена со коронавирус што е вратена од Швајцарија, која се јавила сама и рекла дека била во домашна изолација откако била во контакт со заболен во Швајцарија. Во Дебар имаме три нови пациенти“, рече Филипче.

Тој најави дека пациенти заразени со коронавирусот од денеска ќе можат да бидат примани на третман и во градската болница „8 Септември“, а ќе се дефинираат посебни пунктови во рамките на Здравствениот дом на Скопје, за што најави информации за подоцна.

Целата прес конференција можете да ја погледнете тука: