(ВИДЕО) Борец со играч повеќе и со пресврт дојде до победата против Струга Трим Лум

0
9
borec - struga

Борец извојува тешка победа во натпревар од 14. коло од ПМФЛ, откако попладнево во Велес, со пресврт славеше против Струга Трим Лум со 2:1. Императивот за победа беше на страна на велешани, кои во овој дуел влегоа по серија од два порази по ред. Тоа очигледно беше и психолошки товар за фудбалерите, кои во првото полувреме немаа многу идеја како да стигнат до голот на гостите. Во овој дел не видовме ништо посебно ниту од стружани, па првите 45 минути поминаа во неповрзана игра меѓу два шеснаесетника.

Најинтересен момент беше 42. минута, кога Шабани остро стартуваше над Фернандо Силва, па судијата Младеновски му покажа жолт картон, кој за играчот на гостите беше втор, па тоа значеше и негова суспензија. Борец продолжи со играч повеќе, но го загуби Бразилецот, кој поради повреда, не можеше да го игра второто полувреме.

Но, тоа како да им даде мотив повеќе на гостите, кои на почетокот на второто полувреме поведоа. Миленковски доби убава топка во празно по левата страна, центрираше, а на вистинското место се најде Јахја, кој со глава го совлада Георгиевски.

Примениот гол беше шок за велешани, кои по водството на Струга Трим Љум , десетина минути играа неповрзано и без идеја. Тогаш, тренерот на Борец Горазд Михаилов во игра ги внесе Чичевски и Десниќ, со што притисокот кон голот на гостите се зголеми. Израмнувачкиот гол падна во 74. минута, кога по една долга акција и два навидум безопасни центаршути, прво од десно кон лево, а потоа и обратно, топката дојде до Пеев, кој на почетокот на второто полувреме го замени повредениот Фернандо Силва. Тој со глава само ја спушти топката до Прелчец, а овој со волеј го погоди левиот горен агол на гостинскиот гол.

По израмнувањето продолжија нападите на домашните. Победата стигна во 87. минута, кога Прелчец беше срушен во шеснаесетникот на гостите, а судијата Младеновски покажа на белата точка. Прецизен беше нововлезениот Трајков, за водство на Борец од 2:1. По овој гол натпреварот стана нервозен, на моменти и груб, па главниот судија мораше да покаже дури пет жолти картони, два за домашните и три за гостите, а полувремето го продолжи дури 10 минути, во кои Борец успеа да ја задржи предноста.

Со денешните три бода Борец повторно ја презеде четвртата позиција од Струга Трим Лум и со 22 бода е зад водечкото трио. На другите средби од 14. коло се постигнаа следниве резултати:

Шкендија – Македонија ЃП 5:0
Шкупи – Беласица 3:1
Работнички – Пелистер 1:0
Силекс – Вардар 1:0
Академија Пандев – Ренова 0:1

ТАБЕЛА: Шкендија 30, Шкупи 28, Македонија ЃП 26, Борец 22, Струга Трим Лум 20, Силекс 20, Вардар 19, Работнички 17, Ренова 14, Пелистер 12, А. Пандев 10, Беласица 9.

Можеби ќе ве интересира: