Филипче тврди дека постојат протоколи за ковид-19, но не се исти за сите случаи

0
13
venko-filipce

Не е точно дека Македонија нема протокол за лекување на пациенти со Ковид , тврди министерот за здравство Венко Филипче. Протокол има но тој не унифициран затоа што секоја клиничка форма бара поинаков пристап. Смета дека се следат светските искуства, а лекарите имаат насоки за следење и упатување на заболените во рамки на здравствениот систем што е сосем доволно. Важно според него е граѓаните да не се лечат на своја рака и да не ги набавуваат лековите Ремдесивир и Флавира кои веќе наголемо се препородаваат на интеренет, а за кои  уште не е клинички докажано дека помагаат во лекувањето на Ковид 19.

„Нема еден терк на лекување на оваа болест заради тоа што нема една форма на болеста. Има толку многу  различни клинички форми што секоја бара поинаков пристап, поинакво лекување, поинакво  дозирање на истите лекови што доаѓаат предвид за давање при соодветна манифестација и во таа смисла тоа е така секаде во светот“, вели Министерот за здравство Венко Филипче.

Дел од стручната јавност смета дека отсуството на протоколи е причина за големата смртност во државата. Македонија е на седмо место по смртност од коронавирусот на еден милион жители и е  прва во регионот. Според микробиологот Никола Пановски, не се расчистија  причините за големиот број починати од вирусот, но системот покажа многу слабости и неорганизираност. Граѓаните сами се лекуваат , а матичните препишуваат антибиотици кои не помагаат и чии дејства се преклопуваат.

„Сумамедот масовно се препишува оти некој во март прочитал дека лекува Ковид, нема антибиотик превентивно да се дава. Протокол нема, во протокол треба да се напише по кој критериум се препишал лекот. Докторите толку многу сакаат да препишуваат лекови, но да не се препишуваат лекови кои не помагаат, како сумамед на пример“, изјави доктор Никола Пановски.

И додека се утврдуваат причините, болниците се полнат. Во Штип инфективно повторно е на граница на исполнетост на капацитетот. Половина се на кислородна подршка, а последниве два дена починаа четири пациенти.

Се уште се чекаат и резултатите од стручниот надзор за смртта на 41 годишната беровчанка  што како последица од Ковид почина на 15-ти ноември, а нејзиното семејство обвини дека не добила соодветна медицинска грижа.

Можеби ќе ве интересира: