Горазд Михаилов: Судиите го завија во црно мак-фудбалот!

0
16

Откако судијата Гоцевски означи крај на денешниот натпревар во Велес, во кој Шкендија го победи Борец со 0:2, велешани бараа објаснување од него за неколку спорни ситуации, кога прво не им беше досуден пенал по очигледно играње со рака на противничкиот фудбалер во шеснаесетникот, потоа поради наводен офсајд им беше поништен регуларен гол, а на спротивната страна, на Шкендија и беше признат гол, постигнат од офсајд ситуација.

По краткиот разговор со судиите, стратегот на Борец Горазд Михаилов прокоментира дека сега е доцна за извинување и дека тој ќе реагира за судиските одлуки.

„Мислам дека незаслужено загубивме. Ако ова е вистинската Шкендија, и се бори за шампионска титула мислам дека не заслужија да победат денес. Тоа прво, второ. Судиските одлуки на Марјан Гоцевски беа крајно дискутабилни што покажуваат и тв снимките. Конкретно, мислам на играњето со рака на Павиќ каде има очигледен пенал за нас, спорниот гол на Прелчец за кој треба дополнително да се „скенира“ што се вели дали е недозволена позиција, и конечно голот на Дориев, кој е во очигледен пасивен офсајд на почетокот на акцијата. Ова се три ситуации кои директно влијаат на крајниот исход на мечот. Ние одиме понатаму, јас сум горд на моите фудбалери кои одиграа онака како што одигра против лидерот на табелата и покажаа што можат и за што се способни. Верувам дека во наредните мечеви ќе имаме ако ништо повеќе реално судење, затоа што ова што денес го видовме и доживеавме не знам на кого му оди во прилог на нека и служи на чест на судиската организација“ – изјави тренерот на Борец по мечот со Шкендија, Горазд Михаилов.

gorazd mihajlov

Подоцна, на својата фeјсбук страница Михаилов рече дека „луѓето во црно„ се црно за мак-фудбалот.

„Како тренер не можам, а да останам рамнодушен на фудбалските неправди кои се случуваат на нашите терени, од страна на „луѓето во црно“, кои навистина се црно за мак-фудбалот. Не сум реагирал досега, но ова е веќе премногу. За кого се игра фудбалот, кажете барем да знаеме, но тоа е веќе очигледно. Ние како тренери зависиме од тие срамни одлуки, а луѓето одговорни си молчат, па овој мој статус ќе биде во стилот ‘кучињата лаат, карванот си врви’. Сега очекувам некои луѓе да коментираат против мене, да пишуваат и кажуваат каков тренер и човек сум, но тоа е нивно право. Сепак, ова го кажувам за сите спонзори, клубови, играчи и тренери, кои поради ова се девалвирани и се на мета. Но, таква е нашата работа, а трудот и дисега постигнатото само по себе си кажува. А вие „луѓе во црно“ го завивте во црно мак-фудбалот. Чест на исклучоци на одредени судии, но „долга е нивата за орање“ и ќе се сретнеме пак, но нема да биде исто од моја страна. Ова од денес е само дел. Пак ќе кажам, во чудесна Македонија веќе ништо не не чуди“, напиша во реакцијата на својата фејсбук страница тренерот на Борец Горазд Михаилов.

Можеби ќе ве интересира: