Анѓушев: Бевме храбри и покрај кризата инвестиравме во Брако

0
12
koco angjusev

Македонското стопанство мора да се индустријализира, ако сака да биде конкурентно на пазарите. Затоа, во пост-ковид периодот се потребни инвестиции, кои ќе го потткинат извозот, но и институции кои ќе бидат партнери на бизнисот, смета првиот човек на „Брако“ Кочо Анѓушев, кој во својата компанија во Велес, денеска беше домаќин на промоцијата на брошурата „Македонската економија во тековниот период и пост-ковид-19 периодот“, која ја подготви Стопанската комора на Македонија. Во време на рецесија, според принципот „три И“, приоритет треба да имаат инвестициите, извозот и инсититуциите, рече Анѓушев.

„Само преку инвестиции можат да се купат нови технологии и да се дигне продуктивноста на нашето производство и да се индустријализира државата, бидејќи друг избор немаме и само така можеме да бидеме конкурентни во светот и да продаваме производи. Нашата држава нема големи природни ресурси, немаме туризам и практично, мораме да се потпреме во развојот на индустријализацијата, технологијата и на човечкиот фактор односно на кадарот. Со други зборови, на ИТ-технологија и услуги, но пред се на индустријализацијата, која што во последниот период беше запоставена. Втората работа е извозот, а извозните компании треба на разни начини да бидат поддржани, бидејќи извозот е единственото решение како нашата држава да се справи со економските предизвици во пост-ковид периодот. Извозот е тој, кој што ја движи македонската економија и затоа треба да се преземат сите мерки кои се опишани во брошурата, како овие компании да бидат поддржани. Трета работа се институциите, преку кои сите овие активности треба да се спроведат и тие треба да бидат партнер на економијата, во спроведување на економските политики“, рече Анѓушев.

Од Стопанската комора велат дека во економијата нема финални рецепти, особено што никој нема искуство со справување со криза од ваков тип. Сепак, она што е очигледно и што може да се направи, треба да се направи без одложување, велат бизнисмените. Првиот човек на Брако Кочо Анѓушев рече дека во вакви времиња потребни се храбри одлуки и чекори, кои на долгорочен план ќе дадат резултати.

„Брако во ниту еден момент не застана со работа во оваа ковид криза. Во април имавме намалени нарачки, но тогаш решивме дека ќе постапиме храбро, дека нема да престанеме да работиме и ќе работиме за залиха. Брако не отпушти ниту еден работник. Напротив, во периодот на ковид кризата примивме дополнителни 20 работници, со што сега Брако има над 600 вработени. И покрај тоа што поради здравствената ситуација 7 до 10 проценти од вработените се во изолација поради коронавирус или поради близок контакт со заразени лица, ги задржавме производните капацитети и можеме да се пофалиме дека и оваа година Брако ќе има добри и позитивни резултати, а за следната година очекуваме сериозен раст меѓу 15 и 20 проценти на веќе договорени работи, а притоа за успех го сметаме тоа што оваа година немаме никакво намалување на производството во споредба со минатата година“, рече Анѓушев.

Како пример, тој наведе дека во текот на ковид-кризата Брако го произведе и лансираше на пазарот првото еколошко возило за одржување улична хигиена.

„Пред две недели фабрички го испитавме и тестиравме првото хидрогенско возило за чистење на улици. Тоа возило ќе работи комплетно на хидроген, што значи комплетно еколошко возило. Брако во својата гама на производи има четири возила, од кои три се на дизел и едно на електричен погон. Ова кое што е на хидрогенски погон е петто возило во производната гама, а дополнително работиме на развојни проекти за уште дополнителни четири возила, така што Брако во својата гама ќе има девет возила, со што ќе биде еден од најголемите светски брендови за производство на возила за чистење на улици попознато како outdoor cleaning“, рече Анѓушев.

Идејата на Стопанската комора на Македонија е оваа брошура да биде документ кој ќе ги одреди насоките и конкретните чекори кои треба да се преземат во текот на идната година.

„Секоја криза е шанса и тековниот период е вистинско време да се отвори малку поширока дискусија за некои подолгорочни прашања, кои што на среден и на долг рок ќе придонесат да имаме посилна македонска економија во пост-ковид-19 период“, рече Татјана Шетрјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори.

Со денешната прес конференција, која се одржа во велешки „Брако“, Стопанската комора ја почнува промоцијата на брошурата под мотото „За посилна македонска економија во постковид 19 периодот“. Во рамки на промоцијата, до крајот на декември ќе се реализираат повеќе коморски настани на темата.

Можеби ќе ве интересира: