Вработен во СВР Велес кој ја навредуваше редакцијата на Батали.нет ќе биде казнет

0
12
SVR Veles

Ќе добие казна полицискиот службеник од СВР Велес, кој со погрдни зборови преку социјалните мрежи ја навредуваше редакцијата на Батали.нет, но упати навреди и кон свои колеги, по објавениот текст дека полицаец позитивен на ковид-19 го прекршил решението за изолација и присуствувал на погреб на свој колега. Внатрешната контрола на МВР утврдила дека полицискиот службеник постапил непрофесионално, со што го прекршил „Упатството за користење на социјалните мрежи од страна на вработените на МВР“, па најави санкција за својот вработен.

„Полициските службеници од одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР извршија непосредни проверки, собраа потребни известувања и извршија увид во документацијата, при што е констатирано дека врз основа на описот и случување на настанот и утврдените факти и околности, наводите наведени во Вашата преставка се основани. Против овластеното службено лице во конктретниот случај се преземени мерки, согласно Колективниот договор на МВР“, велат од Внатрешната контрола на МВР.

Настанот се случи пред месец и половина, кога канонада од напади, навреди, пцовки и закани доби редакцијата на порталот Батали.нет, откако ја објави веста дека на погреб на полицаец од Велес, присуствувал негов колега, кој имал позитивен тест на коронавирус и кој имал решение за изолација. Дел од непримерните коментари беа упатени од вработени во полиција, кои наместо да го спречат и осудат, го поддржаа прекршувањето на законот.

Во членот 4 од „Упатството за користење на социјални мрежи од страна на вработените на МВР“ наведено е дека вработените во МВР во јавната комуникација на социјалните мрежи треба да ги почитуваат и да не ги навредуваат другите физички лица.

Веста за прекршувањето на решението за изолација од страна на нивни вработен официјално ја потврди и СВР Велес, а обвинителството отвори истрага за случајот.

Можеби ќе ве интересира: