(ВИДЕО) Борец со пораз од Работнички ја заврши фудбалската полусезона

0
8
rabotnicki - borec

Со пораз во Скопје од Работнички (2:1), велешки Борец ја заврши полусезоната од шампионатот и ќе презими на 6. место на прволигашката табела. Иако најавуваа победа, први поведоа и имаа поволен резултат до 71. минута, велешани не успеаја да останат непоразени. Со два гола ги урна мега-талентот на Работнички и на македонскиот фудбал, 18-годишниот Лука Станковски, откако претходно капитенот на Борец Никола Прелчец со својот петти гол сезонава, го доведе својот тим во водство.

Натпреварот подобро го почнаа домаќините и Шаркоски во петтата минута изби сам пред Ѓорѓиевски, но биеше непрецизно. Од првата закана велешани дојдоа до предност. Се играше 12. минута, кога Ристовски центрираше од десната страна, а Прелчец ефектно ја погоди домашната мрежа (0-1).

Брзо реагираа момците на Достаниќ и младиот Лука Станковски со прекрасен удар од голема далечина ја погоди мрежата на Борец, па резултатот пак беше израмнет (1-1). Следеше период на многу грешки, прекини и корнери од двете страни, но ниту една екипа не обезбеди предност на полувреме.   

Вториот дел започна со јалова надмоќ на дебармаалци, но освен корнери и мешаници, не креираа ништо посериозно пред голот на Микица Ѓорѓиевски. Борец се закани од прекин во 62. минута, но ударот на Прелчец со глава заврши преку домашната пречка. Во најздодевниот период од натпреварот домаќините дојдоа до предност. Во 71. минута Силјановски преку себе атрактивно додаде до Станковски, на кого заборави одбраната на Борец и од неколку метри крај втора статива, најмладиот фудбалер на теренот ја втурна топката во мрежата на гостите (2-1).

Десниќ влезе во игра на местото на Ефтимов и со офанзивен тим Борец се обиде да го избегне поразот. Достаниќ одговори со Максимов, кој го замени Стојков во 78. минута. Комплетниот финиш се играше на полето на „црвените“, но Борец не креираше шанси и Работнички дојде до големи и значајни три бода. Ако беа поснаодливи домаќините ќе победеа и поубедливо, бидејќи Стојковски и Станковски не реализираа зицери во судиското надополнување.

Велешани втор пат во последните три натпревари губат, откако први ќе постигнат гол. Со истиот резултат од 2:1 пред точно една седмица беа поразени од Академија Пандев, откако поведоа со 0:1.

Последното есенско коло од Првата македонска фудбалска лига заврши неславно за водечката тројка Шкендија, Шкупи и Македонија Ѓ.П., која на домашен терен ги загуби натпреварите со Пелистер, Струга Т.Љ. и Ренова.

Резултати од 18. коло: Работнички – Борец 2:1, Беласица – Вардар 0:3, Македонија Ѓ.П. – Ренова 2:3, Шкендија – Пелистер 0:1, Шкупи – Струга Т.Љ. 1:2, Силекс – Академија Пандев 1:2.

Табела: Шкендија 39, Шкупи 33, Македонија Ѓ.П. 33, Струга Т.Љ. 28, Вардар 25, Борец 25, Работнички 24, Силекс 22, Ренова 19, Пелистер 18, Академија Пандев 17, Беласица 9.

Првенството ќе паузира два месеци, а продолжува на 14 февруари следната година, кога Борец на свој терен го пречекува Шкупи.

Можеби ќе ве интересира: