„Дедо и внук“ тежнее да станеме почисти луѓе

0
25

Илија Пиперкоски, режисер

И по една година од премиерата, долгометражниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски се закитува со награди. Последна во низата e неодамнешната нaграда од „Париз филм фестивал“ за најдобар филм.

„И покрај фактот дека оваа година сѐ е откажано или одложено за наредната година, сепак има филмски фестивали што најдоа начин да ги прикажат сите најнови и најзначајни филмови. Особено ме радува тоа што мојот филм „Дедо и внук“ е ценет и вреднуван. Добивме неколку признанија и награди, како од „Фордименжн индипендент филм фестивал“ и „Трагор интернешнел филм фестивал“ во категоријата за најдобри наративни играни филмови. Двапати наградата за најдобар директор на фотографија – кинематограф ја доби Патру Паунеску, токму за филмот „Дедо и внук“, на европските награди за кинематографија и на азиските. Со филмот конкурирав на други фестивали што ќе се одржуваат наредната година“, вели Пиперкоски.

Во филмот „Дедо и внук“, покрај починатиот актер Салаетин Билал, играат и Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со продукциите „Пандорас бокс“ и „Елиен филм“, а финансиски е помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимографка е Жаклина Крстевска, композитор е велешанецот Оливер Тевчев, а монтажата ја направи неговиот сограѓанин Данчо Стефков.

Image may contain: 4 people, including Oliver Tevcev
Оливер Тевчев – автор на музиката (лево), Илија Пиперкоски – режисер (средина), Данчо Стефков – монтажер (десно)

„Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, во која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на принудна посета кај својот дедо. Последен пат бил кај него пред десет години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса. Љубовта не е нешто што треба да биде научено. Тоа е нешто што веќе го имаме, но иронично е тоа што секогаш мора одново да го научиме. А со која цел? Да станеме почисти луѓе, како некогаш кога бевме деца“, вели Пиперковски.

Тој долго време работеше на филмот, а се потпишува и на сценариото и на режијата.

„Јас го напишав и сценариото за филмот, а единствена цел ми беше да раскажам приказна со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат: проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук. Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па гледачите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите од нивните најблиски и пријатели. За мене, уметноста не треба да се занимава со големи теми, туку со мали, навидум секојдневни приказни на обичниот човек. Големите приказни се во малите мигови“, вели режисерот.

Како што додава, филмот има и смешни и трагично тажни моменти.

„Има приказна што и по завршувањето на филмот те остава да подразмислиш за своето минато, за љубовта и врските. За семејните односи и неодноси. Македонската публика ги прими сите чувства што не те оставаат рамнодушен. Имаше и смеење и плачење. И јас искрено од душа се радувам за таквата интеракција што ја доживеав со публиката. А признанијата и наградите од странство доволно говорат за приемот на публиката и стручните жирија“, вели Пиперкоски.

Тој во моментов работи на ново сценарио.

„Конкурирав со сценарио за игран филм, на последниот конкурс објавен од страна на Агенцијата за филм. Очекувањата од вториот филм се секогаш повисоки, напишав сценарио што е амбициозно и со нетрпение чекам да дојде денот кога ќе почнам со снимање. Во моментов ги чистам сите непотребни работи, кај ликовите и нивните судбини, за приказната да има добар тек“, додава Илија.

Преземено од novamakedonija.com.mk

Можеби ќе ве интересира: