Ангеловска: Ќе се одложи плаќањето на кредитите

1

Ќе има одложување на плаќањето на ратите за кредити на граѓаните и фирмите. Уредбата со законска сила можеби уште утре ќе помине на владата, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.

На денешната прес-конференција таа објасни како би изгледало одложувањето. Тоа би значело замрзнување на ратите за наредните три месеци.

„Она што се уредува во оваа уредба е начинот на одлагање на ратите на долговите на граѓаните и на фирмите, односно истото ќе може да се направи без да се оди на шалтер во банка, без да се потпишува анекс итн. Како е тоа уредено и како ќе функционира? Уредбата моментално вели дека секоја банка ќе објави на својата интернет-страница или ќе го извести секој клиент за поповолната понуда. Ако физичкото лице во рок од 10 дена не се произнесе, односно не каже дека ја одбива понудата, ќе се смета дека поповолната понуда (замрзнување на ратите за три месеци) е прифатена“, појасни министерката.

Сепак, прво да се донесе уредбата на владина седница, па потоа ќе излезат со прецизни детали за начинот како ќе се одвива целиот тој процес, покасни министерката Ангеловска.

Кога станува збор за фирмите, тие ќе добијат понуда или известување од банките за одлагање на долговите за кредити. Тие би имале можност да изберат и други опции, како одбивање, прифаќање на одложувањето, можност за плаќање на кредитот со поповолна камата итн.

Ангеловска потенцираше дека не постои нерасположение кај банките за ваквите поволности, туку прво Народната банка треба да ја смени одлуката како ќе ги третира тие кредити. Со сегашните правила на Народната банка, еден кредит е нефункционален ако не се плати рата 90 дена, па веќе 91 ден тој кредит се прогласува за нефункционален, а се намалува и кредитниот рејтинг на фирмата или физичкото лице. Сега одлуката е сменета и овој рок е продолжен на 150 дена, што значи дека на граѓаните кои ќе одберат да ги замрзнат кредитите за три месеци, нема да им се намали кредитниот рејтинг ниту, пак, кредитот ќе се смета за нефункционален.

Целата прес конференција на министерката за финансии Нина Ангеловска: