Нема веќе шетање на езеро, строги контроли на пазарот

1

Ќе остане затворен за работа Малиот пазар во „Нова населба”, одлучи Општинскиот штаб за заштита и спасување. На вчерашната седница, штабот донесе и други превентивни мерки за заштита од ширење на коронавирусот.

Главниот градски пазар ќе работи секој ден, од 06:00 до 13:00 часот и на него ќе се ограничи продажбата, исклучиво само на земјоделски производи (овошје, зеленчук и други прехрамбени производи), а прехрамбените производи да бидат изложени на секоја втора тезга во редот.

Pazar 1
Нема да има тезги на паркингот, надвор од пазарот

Ќе се огради паркинг просторот надвор од пазарот и таму нема да се дозволува продажба на производи. Ќе регулира влегувањето и излегувањето на посетителите во пазарот. Ќе се влегува на два влеза, а пред нив ќе стојат двајца редари, кои ќе го регулираат влегувањето и ќе внимаваат на физичкото растојание помеѓу посетителите. Задолжително е носење на заштита опрема (маски и ракавици) на продавачите, а на влезовите ќе биде поставено средство за дезинфицирање и маски за потребите на купувачите.

Местото на продажба на производи од ист вид, ќе го утврдува раководителот пазарите, при доделувањето на тезгата за продажба.

ЈКП „Дервен” треба да го определи времетраењето на задржување на купувачот во пазарот и за тоа јасно да ги извести граѓаните. Полицијата одредува една патрола со двајца униформирани полицајци за воведување на ред на влезовите на пазарот.

По препораки на Светската Здравствена Организација (СЗО) ЈКП „Дервен” врши зголемување на нивото на хлор во водоснабдителниот систем по 0,5 ml/L милиграми на литар резидуален хлор во градскиот водоснабдителен систем.

Согласно Оперативниот план за дезинфицирање се задолжува ЈКП „Дервен” ќе ги дезинфицира детските забавни паркови, спортските терени, патеката околу езерото „Младост” и други јавни површини во градот.

sednica-na-opstinskiot-stab-za-zastita-i-spasuvanje
Седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување на општина Велес

Вработените во пшротивпожарната бригада ќе се вклучат во активноста за дезинфицирање на улиците во високите зони од градот со сопствена опрема и возила.

На седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес е одлучено да се изврши оградување со заштитна лента на детските забавни паркови, спортски терени, патеката околу езерото Младост и други јавни површини во градот со цел редуцирање на движењето на граѓаните.

Полицијата ќе врши контрола на движењето на граѓаните кон езеро „Младост”.

Ezero Mladost
Езерото Младост изминатиот викенд беше полно со излетници

Поради неисправноста на водата во село Сопот за потребите на жителите од село Сопот, Општина Велес обезбеди достава на канистер со вода за техничка употреба и флаширана вода за пиење.

Општина Велес  ги упатува управителите на згради, претседателите или претставници на куќните совети на станбените згради, да стапат во контакт со Центарот за јавно здравје, за да добијат конкретни информации за начинот на употреба на средства за дезинфицирање на заедничките простории.