Македонија денеска и официјално стана 30-та членка на НАТО

2

Со депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт департментот на САД од денеска земјава и официјално стана 30-та НАТО членка.

По тој повод, видеосредба остварија министерот за надворешни работи, Никола Димитров и амбасадорот Филип Рикер, вршител на работите помошник – секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, а на кој присуствуваше и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Брнс.

„Ова е историски момент што им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејада политичари и визионери кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина. Членството на нашата земја во НАТО се случува во вонредни околности кога светот и човештвото се справуваат со можеби најголемиот глобален предизвик по Втората светска војна. Поради овие состојби, чинот на одбележување на денешниот настан е скромен, но тоа на ниту еден начин не го намалува историското значење на овој успех“, рече Димитров.

Во понеделник, 30 март, во седиштето на НАТО во Брисел, ќе биде организирана церемонија на подигање на македонското знаме, на која се планира да ѝ претходи слична свеченост во Врховната команда на НАТО – сојузничките сили за трансформација во Норфолк во Вирџинија, САД.

На 2 април министерот Димитров ќе ја претставува Македонија на министерско ниво, првпат како земја членка на алијансата.