Лошата комуникација меѓу здравствените институции го испушти новозаразеното момче од Велес од официјалната евиденција (ВИДЕО)

1
Veles dron

Случајот со заразениот средношколец од Велес, кој е потврден денеска кај неговиот матичен лекар, го нема во евиденцијата на Министерството за здравство. Според министерот Венко Филипче, во последното деноноќие се регистрирани 30 заразени, а ниту еден од Велес.

Сепак, матичниот лекар на заразениот средношколец веќе го информирал и Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес и Велешката болница. Од ЦЈЗ Велес ја потврдија информацијата, но велат дека тие подоцна ги добиваат резултатите од тестовите кои одат преку матичните лекари, па затоа во официјалната бројка на министерството овој заболен го нема.

Ова го потврди и матичниот лекар на новозаболениот велешанец. Од таму информираат дека резултатот го добиле во 12:30 часот и веднаш го известиле семејството на заразеното момче, но и ЦЈЗ Велес и инфективното одделение на велешката болница.

На прашањето на Батали.нет зошто овој пациент не е заведен во официјалната бројка на заразени во последните, министерот за здравство Венко Филипче рече дека веројатно се работи за тест кој е изработен синоќа и кој денеска е испратен до матичниот лекар.

Батали.нет попладнево објави дека средношколец од Велес е позитивен на коронавирус. Тој е тестиран во понеделникот, а неговите резултати стигнаа денеска. Според нашите информации, средношколецот не е поврзан со првите случаи на заразени, вработените од Шумското стопанство Бабуна.

Младиот велешанец најверојатно се заразил од негов роднина, кој пред две недели се вратил од странство, но немал никакви симптоми.

Средношколецот неколку денови е дома со симптоми на коронавирус, но бидејќи до денеска немаше резултати од неговиот тест, тој не беше хоспитализиран.

Ова е седми позитивен случај на коронавирус во Велес.

Овде слушнете го одговорот на минстерот Филипче, на нашето прашање околу новиот пациент од Велес:

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека се регистрирани 30 нови случаи на коронавирус, а вкупната бројка на заболени е 384 лица. Тој информираше дека на Клиниката за инфективни болести има 64 пациенти од кои 6 се нови, а 8 се со потешка клиничка слика. Неколку од нив, според Филипче се во добра состојба и ќе бидат тестирани во следни денови, доколку тестовите се негативни ќе бидат отпуштени од болница. Капацитетот на клиниката, како што посочи, е до половина исполнет. Филипче напомена дека сите случаи на коронавирус дијагностицирани во изминатиот период се должат на локална трансмисија.

„Во однос на тестирањето имаме најголем број на тестови во регионот на милион жители освен Словенија. Досега има направено 4117 тестови. Сметам дека тоа е одличен резултат и не станува само збор на бројка на тестови туку севкупен пристап кон пациентите““, истакна Филипче.

Според статистиката која ја објави Министерството за здравство, во изминатите 24 часа се потврдени 30 нови случаи позитивни на КОВИД- 19. Дванаесет од нив се во Скопје, девет во Прилеп, осум во Куманово и еден во Крива Паланка.

Во изминатото деноноќие направени се 342 теста, а вкупно досега 4.117 тестирања на Ковид-19.

Погледнете ја целата прес конференција: