(ВИДЕО) д-р Микиќ: Контроверзен е случајот на починатата велешанка

1

Контроверзен! Вака епидемиологот Владимир Микиќ го опиша случајот со 78-годишната жена од Велес, која заедно со нејзиниот син во понеделникот беа пронајдени мртви во нивниот стан, а подоцна беше утврдено дека во нејзиното дишно стебло е пронајден остаток од коронавирус. На денешната видеосесија, Микиќ рече дека случајот сеуште се испитува и дека не е познато кога мајката и синот починале. Кога обдукцијата ќе го покаже ова, ќе се биде многу појасно. Многу контроверзии отвори овој случај. Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена објави дека кај починатата е најден вирусот, за вчера, преку соопштение од Министерството за здравство да биде објавено дека ќе се прават дополнителни испитувања. Случајот отвори и стручна дебата. Пензионираниот уролог д-р Димитар Стровјановски ова го оквалификува како сензација, а микробиологот д-р Никола Пановски вели дека ако ова се потврди, ќе ја смениме светската историја. Дали е можно кај тела кои се мртви подолг период да се детектира вирусот и зошто министерот ја објави веста дека кај жената е пронајден вирус, пред да се направат сите испитувања, па и она кога таа починала, ги прашавме денеска епидемиологот доктор Микиќ и министерот Филипче. Еве што одговорија:

Инаку, според последните податоци, денеска во Велес се регистрирани нови шест случаи на заразени со короанвирус, од кои двајца се медицински работници – еден од итната медицинска помош и еден од инфективното одделение на велешката болница.

На денешната видеосесија го прашавме доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на што се должи заразувањето со коронавирус на медицински лица кои во овој период се речиси секојдневно во контакт со заразени, а кои имаат строги протоколи за своја заштита и заштита на пациентите. Погледнете го неговиот одговор:

Денеска на својот фејсбук профил се огласи директорот на Здравствениот дом во Велес Никола Димовски, кој на вработениот од оваа институција му посака побрзо оздравување.

„Дозволете да ве информирам дека денес се регистрирани првите двајца здравствени работници од Велес, кај кои е потврдено присуството на коронавирусот. Еден од нив е и наш колега од ЈЗУ Здравствен дом – Велес. Простор за паника нема. Се превземаат сите неопходни мерки за непречено опслужување на сите граѓани, како и досега. Ова е само уште еден предизвик со кој мораме заеднички да се справиме, затоа што грижата за јавното здравје е заедничка одговорност. Сите да бидеме максимално одговорни и со нашето однесување да им помогнеме на здравствените работници. Од мое лично име и од име на целиот тим, им посакуваме побрзо оздравување“, напиша Димовски.

Инаку, заразеното медицинско лице од итната помош, постапил совесно и веќе 12 дена е во самоизолација. Со денешните шест новозаразени, сега бројката на пациенти со коронавирус во Велес се искачи на 30.