Исповед на велешанецот Ѓоре Давчевски: Како го победив коронавирусот!

3
Gjore Davcevski 1

Кога попладнево медицинска сестра од инфективното одделение на велешката болница влезе во собата на Ѓоре Давчевски, тој само што беше заспал. Веќе подолго време се чувствува добро, откако пред три недели му беше дијагностициран коронавирус. Но, целата голготата низ која помина тој и неговото семејство во последните триесеттина дена, ќе ги памети цел живот. Тагата по неговиот татко, кој пред пет дена почина од оваа болест која го нападна целиот свет, сеуште е голема. Веројатно така ќе биде цел живот. Но, веста со која медицинската сестра го разбуди од попладневниот сон, беше огромно олеснување за него. И вториот тест за коронавирус е негативен! По речиси три недели поминати во болницата Ѓоре Давчевски ја победи болеста и си оди дома. Кај својата сопруга, со која наскоро очекуваат принова.

„Чувствата ми се измешани. Се радувам што успеав да победам во најтешката и најважната битка во мојот живот. Се радувам што моето дете ќе живее со двајца родители. Но, жал ми што татко ми не го дочека внукот“, ја почна својата приказна Ѓоре.

Тој и неговиот татко беа меѓу првите велешани кои се инфицираа со вирусот. Мноштвото контрадикторни вести за болеста дополнително го исплашија.

„Да, признавам дека се исплашив кога ми соопштија дека тестот ми е позитивен. А кој не би се исплашил во таква ситуација. Но, знаете, отакако ќе го добиете она од што најмногу се плашите, тогаш стравот едноставно исчезнува. Тогаш се раѓа инаетот, натчовечката желбата да се борите со невидливиот непријател и да го победите“, вели 31-годишното момче.

Тој има само пофални зборови за третманот на инфективното одделение во велешката болница.

„Упатувам јавна благодарност до сите здравствените работници кои несебично беа за мене тука и дење и ноќе. Тоа се луѓе кои секојдневно го жртвуваат својот, за да спасат други животи. Им благодарам и на сите оние пријатели кои што беа со мене во овие тешки моменти“, вели Ѓоре.

По два направени теста, едниот во вторникот, а другиот ден подоцна, Ѓоре Давчевски денеска ја слушна убавата вест – тие се негативни.

„Конечно можам да се вратам кај мојата сопруга дома, за големиот празник Велигден. На сите кои се заразија со вирусот им посакувам што побрзо опоравување. Ја користам оваа прилика на сите наши граѓани да им ги честитам Велигденските празници и да им порачам да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот. Само така најдобро ќе се сочуваат себе си и своите најблиски, вели Давчевски.