Рекорден број заразени со коронавирус во Велес за едно деноноќие

2
saat-kula

Најголем број заразени велешани со коронавирус за едно деноноќие се регистрирани денеска. Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Велес објави дека 12 лица од Велес се инфицирани со Ковид-19.

„Се работи за четири лица поврзани со веќе постоечки кластер кои се наоѓаат на лекување на инфективното одделение во општата болница во Велес, четири лица членови на семејство на лице вработено во трговска дејност; две лица вработени во трговскиот сектор и две лица вработени во Центарот за јавно здравје Велес“, велат од Центарот за јавно здравје во Велес.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во Велес изнесува 55 лица од кои четири се излечени, 48 се сеуште активни, а регистрирани се три смртни случаи .

„Поради новонастанатата ситуација ве известуваме дека пунктот на Центарот за јавно здравје Велес нема да работи во вторник (21 април 2020 год.) поради тестирање на можните контакти со инфицираните вработени во центарот. По утврдување на фактичката состојба јавноста благовремено ќе биде информирана за продолжувањето на активностите на Центарот“, велат од ЦЈЗ Велес.