Велешанка заразена со коронавирус: Соседите ми забрануваат да излегувам на тераса!

2
Samoizolacija

Велешанка која пред неколку денови дознала дека е позитивна на тестот за коронавирус доживува вистинска драма, откако соседите од катот погоре на зградата во која живее, почнале да негодуваат што нивната сосетка излегува на тераса.

Велешанката, која од разбирливи причини не сакаше да и го откриеме името, но нејзиниот идентите и е познат на редакцијата, е разочарана од овој однос на соседите и им порачува дека вирусот не бира кого ќе го инфицира. Го објавуваме во целост писмото кое ни го испрати, а со кое им се обраќа на сите граѓани.

„Драги велешани, мои сограѓани. Имам 67 години и сум позитивна на Ковид-19. Велат дека се заразив од соседите. И сигурно е така, затоа што бев блиска со нив. Но, јас не се лутам на никого. Кој сака да биде болен? Кој сака да биде изолиран? Ама и несаканото доаѓа и те удира како „гром од ведро небо“. Сега седам дома сама и не сакам никој да знае како ми е. Мислите се секогаш тука, како ќе поминам, како ќе завршам. За да заборавам барем малку на тоа што ме снајде, читам книги, решавам крстозбори, редам детски слагалки и слушам музика.

Повеќе време поминувам на фејсбук, на вибер и месинџер. Инаку, имам голем број пријатели, роднини и прекрасни соседи. Во секое време ме прашуваат дали имам потреба од нешто.

Ама денеска ми случи нешто, што не го очекував. Не можам да разберам дека некој може така да размислува, дури и да ми каже да не седам на мојата тераса, затоа што нејзината ќерка си играла горе, на нивната тераса, па можела да се зарази. Се шокирав, но сепак се јавив кај лекар и прашав за совет. Лекарот се насмеа и ми кажа дека, иако секојдневно слушаат како се пренесува оваа болест, луѓето ништо не разбираат. Јас од нив не барав ни сожалување, ни разбирање.

Сега се прашувам како размислуваат овие луѓе што не се болни, дали мислат дека се недопирливи. Оваа невидлива болест доаѓа „од нигде никаде“, ненадејно и кога најмалку очекуваш, ќе ти кажат дека си позитивен. Ако утре тие се заразат, јас ќе помогнам и сигурно нема да забранам да го дишат воздухот и да седат на сонцето што грее за сите подеднакво. Имајте разбирање за луѓето што се во изолација, поддржувате ги, затоа што тоа е многу важно во ова чудо време – невреме.

Ве поздравувам сите и ви ги честитам Велигденските празници.“