Како работат македонските текстилни компании во време на пандемија

3

Наместо кошули и униформи шијат заштитни маски. Корона кризата натера дел од македонските текстилни компании да го  преструктурираат производството. Во услови кога продажбата на облека е речиси целосно стопирана, нови нарачки нема, а големите трговски центри во Европа се уште не работат, единствен начин за преживање е изработката на заштитна опрема, велат од штипската конфекција Албатрос, од каде потврдуваат дека и изработката на униформи за нивните традиционални партнери од автомобилската индустрија е сведена на минимум.

“Мораме да се преструктуираме, мораме да најдеме нарачки и работа која што ќе биде економски исплатлива. Претходниот, па и овој месец, нарачките што пробуваме да ги обезбедиме не се со којзнае колкава цена и заработувачка, така да во овој момент се трудиме да обезбедиме некој минимум, за да покриеме минимум трошоци за да би можеле некако да ја поминеме оваа криза”. Вели Иван Андов, генерален менаџер  на МК „Албатрос“

Македонските текстилни фабрики главно се ориентирани на лон производство, што дополнително го усложнува проблемот бидејќи ги прави целосно зависни од тековите на европскиот пазар. Сепак и покрај проблемите засега во Штип нема отпуштања на работници. Најголем дел ги завршуваат старите нарачки. Оние што работат целосно ги почтуваат мерките за заштита на работниците.

“Сите беа задолжени со маски, и сите носат маски. Пропишаното растојание од два метра се спроведува. Работниците се раздалечени на своето работно место на тоа растојание”. Изјави Иван Андов, генерален менаџер  на МК „Албатрос“.

Дека првичите проблеми со почитување на заштитните мерки во конфекциите се надминати потврдуваат и од „Гласен текстилец“. Бројот на претставки од работниците  е мал, а според нивните сознанија решен е и проблемот со метежот во автобусите што работниците ги носи на работа.

“Сите се свесни дека доколку не се прудржуваат на овие мерки и препораки, знаат дека фирмите нема да работат со овој капацитет со кој работат сега” Вели Кристина Ампева од Гласен текстилец

Текстилната индустрија и пред корона кризата се соочуваше со проблеми. Низок  техолошки развој, ниска продуктивност и плати како и недостаток на кадар. Поголем удар од текстилството поради пандемијата преживува чевларската и кожарската индустрија. Голем дел од овие капацитети во државата не работат бидејќи традиционален партнер им е Италија, а недостигаат и материјали за работа што во најголем дел се увезуваат од Кина. Статистички корона кризата во Македонија во месеците март и април,  без работа остави околу 9000 работници.