Игор Андреев е назначен за в.д. раководител на Центарот за развој на Вардарски плански регион

2
igor andreev

Игор Андреев е назначен за в.д. раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион (ВПР). Оваа одлука денеска ја донесе Советот за развој на ВПР, откако претходно гласаше за разрешување на досегашниот прв човек на оваа институција Марко Колев.

Игор Андреев има 47 години и е прв доктор на науки во државата во областа на маркетинг и брендирање на населени места. Дипломирал на Факултетот за електроника и информациски технологии при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, а подоцна магистрирал и докторирал на Економскиот факултет при истиот универзитет. Андреев е еден од основачите на компанијата „X Фактор Акцелератор“, првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој финансира стартап компании со одржлива идеја и бизнис план. На новата функција Андреев ќе го замени досегашниот раководител Марко Колев, кој две и пол години беше на чело на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

„Горд сум на досега сработеното, тимот на Центарот напорно работеше и само во изминатата 2019 година имплементираше 14 проекти во вредност од 62.053.162,00 денари, исто толку проекти во моментов се во фаза на реализација во вредност од 92.665.085,00 денари, а во очекување сме на одобрување на уште 13 проекти во вредност од 108.296.372,00 денари кои се надеваме дека ќе успееме да ги реализираме и во време на пандемија до крајот на годината. Мојата цел сите овие години беше да донесам што е можно повеќе проекти во општините од Вардарскиот плански регион и тоа го правев посветено во соработка со Министерствата, Агенциите, Донаторите и Амбасадите во Македонија“, напиша на својата фејсбук страница Марко Колев, досегашниот раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.