Се затвораат пет конфекции до понеделник, ќе се тестираат вработените

3
Albatros konfekcija 3

Пет конфекции се затвараат до крајот на неделава и 600 текстилни работници од Штип одат дома. До понеделник ќе треба да им бидат земени брисеви на сите за да се утврди дали и колку од нив се заразиле од вирусот. Вчерашната бројка од 27 новозаболени од корона вирус на итен состанок ги свика општинскиот кризен штаб и комисијата за заразни болести. Нема одлука за засилување на мерките и карантин, но и оваа опција е во игра. Се зависи од бројот на заболените и почитувањето на мерките.

“Доколку не сме на ниво на задачата, сите граѓани, сите институции, ќе предложам до централниот кризен штаб да имаме целосна блокада на Општина Штип” рече градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски.

На помош на штипските епидемилози ќе им дојдат колеги од Струмица, Кочани и Велес.  Бидејќи најголем дел од заразените со корона вирусот немаат симптоми остануваат во домашна изолација. Нивнаа состојба ќе следи ќе се следи на повеќе нивоа.

“Матичните лекари на дневна основа, при самото најавување во системот имаат сигнал за позитивни пациенти кои што се кај нив запишани. Должен е секој матичен лекар на дневно ниво, да му се јави на пациентот и да се информира според посебен алгоритам за неговата здравствена состојба” изјави Владо Милошев државен секретар во Министерство за здравство.

Од Гласен текстилец велат дека  институциите задоцниле со мерките, а затворањето  на конфекциите требало да се случи порано затоа што дел од сопствениците и превозниците не ги почитувале здравствените протоколи.

“Поради тоа што не ги почитуваа ниту една од мерките, ниту една од уредбите, ниту една препорака, секоја чест на исклучоци кои се оградија од останатите, за останатите бараме и кривична одговорност” најави Кристина Ампева од Гласен текстилец.

И четирите случаи во Чешиново-Облешево се поврзани со конфекцијата што е затворена пред една недела и каде досегашниот скрининг покажа дека се заболени половина од вработените, а од денес позитивни има и во неколку други конфекции бидејќи користеле ист превоз до работа.