Уставен ја одби жалбата на Коцевски: Општина Велес мора да постави мерни станици за следење на загадувањето од фабриките

2
Maslodajna 997x485

Уставниот суд ја одби жалбата на градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, кој бараше судот да ја преиспита законитоста и уставноста на одлуката на Советот, општината да инсталира мерни станици за следење на загадувањето на воздухот од фабриките во градот.

Откако Советот на Општина Велес во ноември 2018 година ја донесе оваа одлука, градоначалникот Коцевски одби да ја потпише и да ја објави во Службен гласник, со образложение дека е спротивна на законот и дека надлежноста за поставување мерни станици не е на општината. Тогаш Коцевски тврдеше дека со издавањето на Б интегрираната еколошка дозвола, фабриките се обврзани да не го загадуваат воздухот. Но, една недела подоцна Советот повторно гласаше позитивно, по што градоначалникот мораше да потпише, но поведе постапка за оценување на законитоста и уставноста пред Уставни суд.

Сегашниот претседател на Советот на општината и долгогодишен активист за здрава животна средина Ненад Коциќ, кој тогаш како член на Советот ја предложи оваа точка, вели дека со оваа одлука на Уставниот суд се потврдило она што го тогаш го тврдел, дека општините мора да вршат редовен надзор на работата на индустриските капацитети за кои е надлежна и емисијата на штетни материи, кои тие ги испуштаат во воздухот.

„Жалам што Градоначалникот и стручните служби во општината не успеаја да го препознаат значењето на оваа одлука и изгубивме една и пол година во докажување на законитоста, но со последната одлука Уставниот суд само потврди дека општината може и треба да спроведе систем за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух“, вели Коциќ.

Nenad-Kocik

Тој очекува општина Велес, веднаш да започне со имплементација на одлуката, со која се наложува инсталирање мерни станици за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух од индустриските капацитети.

„Ова е порака до сите општини кои имаат проблем со загадувањето на амбиентлниот воздух, дека можат да инсталираат мерни станици, со цел следење и санкционирање на евентуалното аеро-загадување“, смета Коциќ.

Одлуката е донесена пред една и пол година, а за неа гласаа сите членови на Советот. Според неа, должност на сите фабрики од Велес, кои имаат Б интегрирана еколошка дозвола, е да постават мерни станици кои ќе го мерат загадувањето на воздухот. Ако фабриките тоа не го направат, обврската ќе падне на Општина Велес, која треба да креира и веб страница, на која граѓаните ќе можат да ја следат состојбата со воздухот.