Филипче: Новозаразените се луѓе од 15 семејства

2
Filipce 29.05.2020

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека мораме да се навикнеме да живееме со вирусот и дека мерките за заштита од негово ширење важат и за оние кои заминаа викендов во туристичките места.

„Сведоци сме како се пренатрупаа туристичките места. Поголем број граѓани заминаа, но колку и да заминат, мора да се почитуваат мерките. Мораме да се навикнеме да живееме со вирусот. Следните викенди ќе има убаво време и луѓето ќе заминуваат. Но и таму мораат да ги почитуваат мерките – маската, дистанца и хигиената“, рече Филипче.

Тој рече дека нема простор да се споредуваме со Италија и тамошното ширење на вирусот во туристичките места, бидејќи во земјава кластерите се познати и се следат.

Филипче откри дека речиси 90 проценти од случаите на новозаразените се од околу 15 семејства, а големиот број новодијагностицирани се должи на зголемениот број тестирања. Иако бројката е висока, таа се шири во познатите кластери.

„Несомнено е дека имаме нов бран, што е резултат на непочитувањето на мерките, но зголемениот број е очекуван поради начинот на тестирањето, односно поради тоа што се појавија асимптоматски случаи, кои моравме да ги тестираме. Ги тестираме примарните асимптоматски контакти, најмногу од овие 15 семејства. Бранот ќе трае многу кратко, но остануваме максимално претпазливи. Вирулентноста на вирусот значајно слабее. Има огромен број случаи со многу лесни симптоми, такви се близу 90 проценти, но вирусот постои и граѓаните треба многу да внимаваат, пред се, хронично болните“, рече Филипче.

Филипче вели дека од понеделник најверојатно нема да има никаква рестрикција, но здравствените власти ќе имаат целосен увид и сите позитивни ќе бидат ставени во изолација. Тој очекува многу брзо бројката на заразени да се намалува.

Поврзани вести: