петок, 25 септември, 2020
Реклама

Пациентите со рак алармираат дека со непочитувањето на мерките се загрозува нивниот живот

Ljubov sme

Тие кои сакате да седите дома, останете си дома. Овој аргумент од граѓаните кои не веруваат во корнавирусот, односно во опасноста од него, повеќе пати проструи низ јавноста, па оттука е и реакцијата на групата на пациенти кои се лекуваат од канцер „Љубов сме“ – Jemi dashuri.

Од групата која нуди помош и поддршка за пациентите со малигни заболувања, реагираат на ваквите изјави бидејќи во луѓето кои остануваат дома додека сѐ уште е актуелна пандемијата со коронавирусот спаѓаат и оние кои се борат со канцер, или пак се бореле во минатото, но за жал и понатаму се вбројуваат во пациентите со хронични болести.

„Колку повеќе не се почитуваат мерките што ги препорачуваат здравствените власти, толку повеќе се комплицира секојдневието на болните од рак. Луѓето кои се соочуваат со рак во моментот се доведени во многу незавидна ситуација, бидејќи им се откажуваат контролните прегледи. Тоа откажување донекаде може да биде издржано со цел тие да се заштитат од вирусот, но кога тоа се пролонгира на долг рок може да доведе до компликации. На пример, пациентите и пациентките со рак на дојка во моментот се спречени да направат мамографски или ехо преглед и тоа ќе се пролонгира уште повеќе со непочитувањето на мерките од страна на одредени поединци“, реагираат од „Љубов сме -Jemi dashuri.

Дел од овие пациенти примаат хемотерапија која создава болки во коските и мускулите, поради што докторите препорачуваат секојдневно пешачење, како активност која би можела да придонесе таквите нус ефекти да бидат поподносливи. Поради растот на бројот на заразени со коронавирус, овие пациенти се спречени во извршувањето на ваквата активност, која би можела добро да влијае врз нивното психофизичко здравје. Пациентите кои барем повремено излегуваат на прошетки ги почитуваат сите мерки носејќи маска и држејќи социјална дистанца, но тие повторно се доведени во ризик бидејќи вирусот може да им се пренесе од сограѓаните кои не ги практикуваат ваквите препораки од експертите.

Со непочитувањето на мерките поради скептицизмот кон вирусот, во ризик се доведени илјадници граѓани, ако се знае дека само на годишно ниво со рак се дијагностицираат по неколку илјади лица. Дел од нив се деца и токму тие, најневините се принудени да останат во своите домови на долг рок. Токму тие, за жал прерано се запознале со суровоста на животот па оттука „Љубов сме“ – Jemi dashuri ги прашува граѓаните кои одбиваат да ги почитуваат мерките, дали вреди на едно дете да му се скратат крилјата, кога тоа и онака прерано било принудено да порасне?

„Љубов сме“ – Jemi dashuri упатува порака до граѓаните кои не ги почитуваат мерките дека болните со рак може да живеат десетици години по воспоставувањето на дијагнозата, но доколку го добијат вирусот би можеле да бидат доведени во животозагрозувачка состојба. Оттука и апелот да се постапува посвесно и посовесно, а не според девизата „луѓето со хронични болести секако се во ризик и без вирусот“.

Групата која нуди поддршка на болните од канцер при тоа, рушејќи ги етничките и националните предрасуди во македонското општество апелира и до надлежните органи да ги засилат контролите и рестрикциите, со цел непочитувачите на мерките да бидат казнети, бидејќи во спротивно санкциите одат на грбот на луѓето од ризичните групи. Бидејќи се работи за  група која нема механизми да постапува, се упатува уште еден апел и молба до сите да излегуваат што поретко, а кога ќе го направат тоа да носат маски и да одржуваат социјална дистанца, со цел крајот на пандемијата да дојде побргу, а со тоа да не се влошува здравјето на граѓаните кои прават сѐ за да го сочуваат истото.

Извор: plusinfo.mk

Mon Жан - Играчки