сабота, 26 септември, 2020
Реклама

Александар Василевски – Нинџа: Од штабот на ВМРО ДПМНЕ се даваа наредби на 27 април

Александар Василевски – Нинџa, во денешното рочиште на судењето за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017, кажа дека непосредно по нападот, поранешниот државен обвинител Марко Зврлевски бил во ВМРО ДПМНЕ и таму зборувал со присутните за обвиненија.

“Утредента пак отидов на осмиот кат во ВМРО ДПМНЕ. Таму беше државниот обвинител Марко Зврлевски, заменичката министерката за правда Билјана Бришкоска и други, зборуваа за обвиненија, кого да обвинат“, сведочеше Нинџа.

Пред обвинетите Трајко Вељаноски – поранешен претседател на Собранието, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски – бивш директор на УБК, Нинџа ја раскажа својата верзија за тоа што претходело и што се случувало на денот на крвавите настани во законодавниот дом во 2017.

“Во 17:30 часот ми се јави Спиро Ристовски и ме повика во штабот. Околу 17:45 часот ми се јави и Сашо Мијалков, кој ме повика и рече “дојди во база”. Околу 18:30 часот со Веле Петрушевски се упатив во ВМРО ДПМНЕ. Влеговме преку гаража „Тодор Александров“. Веле остана во бифето, а јас се качив на осми кат. Кога влегов во салата за состаноци, таму беа Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и поранешната заменик министерка за правда Билјана Бришковска. Сите зборуваа на телефон, беше вклучен телевизор на ТВ Нова, се гледаше преносот од собрание. Чавков ме погледна во стил „што бараш тука“. Јас реков дека го чекам директорот, мислев Мијалков ќе го најдам таму, но не го видов. Седев до Чавков, носеше тренерки, патики и елече, отспротива седеше Кирил Божиновски, двајцата министри беа во фармерки. Како што се движеше толпата пред Собрание, така почнаа да координираат. Тоа беше оперативен штаб од каде се даваа наредби”, сведочеше Нинџа.

Тој рече дека поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков зборувал со двајца началници и им рекол да дејствуваат пасивно. Миле Јанакиески разговарал со Крсто Муковски, а Спиро Ристовски со Богдан Илиевски – Бетмен. Билјана Бришковска, пак, како што рече, била на директна линија со Трајко Вељаноски.

„Беше разочарана дека некој не ја завршил работата внатре, не предизвикал инцидент. Зошто пратениците како Антонио Милошоски, Борис Змејковски, Илија Димовски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, не предизвикале инцидент и не ја завршиле работата. Бришковска му даваше насоки на Трајко Вељановски да се отворат вратите, знам дека разговараше и со Илија Димовски и Никола Тодороров. А Трајко Вељановски ја известуше и за тоа, што се случува внатре”, зборуваше Нинџа.

Во тоа време дошол и Владимир Атанасовски, со кого потоа излегле заедно. Владимир Атанасовски им кажал дека им рекол на Јане Ченто и на останатите кои биле во ресторанот „Дион“ да одат кон Собранието, а на Нинџа му дал насока да оди пред Собранието и да известува.

Пред Собранието бил и Горан Грујевски, началник на Петтата управа во УБК, а потоа дошол и Никола Бошкоски од УБК, кој беше опфатен во истрагата за овој предмет, но не беше поднесено обвинение за него, бидејќи е во бегство. Нинџа тврди дека пред Собранието му било кажано дека шефот на кабинет на поранешниот претседател Иванов, Борис Јосифовски бил во ВМРО-ДПМНЕ и рекол дека ќе се прогласи воена состојба.

„Околу 20:15 часот почна да дејствува полицијата. Горан ми рече дека ова не е на арно. Му се јавија и му рекоа дека под притисок на странски фактор воена состојба нема да има“, рече Нинџа.

По наредба на директорот на УБК Владимир Атанасовски, Василевски рече дека, остварил контакт со Јане Ченто.

„Тие лично беа поддржувани од Владимир Атанасовски. Потоа остварив средба со Игор Југ, во Куманово, таму беше и Јане Ченто. Со мене беше и еден прикриен агент. Патриотските здруженија беа искористени од Владимир Атанасовски, сега тие лежат затвор“, сведочеше Василевски.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс-министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Mon Жан - Играчки