Нова жртва на корона вирусот во Штип

1
stip

Близу 16 проценти од тестираните текстилни работници се позитивни на корона вирусот. Тестирањето  на 800 вработени од седум конфекции покажа дека 80 проценти од нив не развиле никакви симптоми, а мал дел со средна клиничка слика завршиле во болница. Според епидемиолозите нема пречка да продолжи производниот процес во конфекциите ако се почитуваат мерките, но позитивните на вирусот остануваат дома додека не добијат два негативни резултати. Анализата покажа дека вирусот почнал да се шири од една конфекција.

“Лицето кое што како прво го најдовме позитивно, и лицата коишто понатаму стануваат позитивни, остварувале контакт за време на работен процес, за време на пауза, за време на слободни дружења после работа, и за време на патување во автобус”, изјави Марија Димитрова од Центар за јавно здравје Штип.

Позитивни на вирусот има и во неколку подрачни единици на  државни институции. За нив се уште се утврдува како се заразиле. Таму до Петок ќе се работи само електронски. Поради огромниот интерес за тестирање побарани се поголем број термини за закажување преку матичните лекари. Денес ќе се прави и првиот контролен тест на 53 текстилни работници чии тестови пред две недели беа позитивни на Ковид 19. Од Центарот за јавно здравје велат дека состојбата е под контрола, а над 500 лица се во изолација.

“Сите лица кои што се позитивни во моментот се ставено во самоизолација: Исто така и нивните семејства се ставени во изолација, како и контактите кои тие ги остварувале,” изјави Марија Димитрова од Центар за јавно здравје Штип.

Утринава поради компликации со вирусот почина 86 годинишен штипјанец. Имал претходни заболувања па протоколот за лекување не дал резултати. На штипско инфективно се лекувал од 26 мај. Останатите 21 пациент се со стабилна клиничка слика. Тој е трета жртва на вирусот од Штип за време на пандемијата. Во моментот во Штип се активни над 180 случаи, од нив 126 се текстилни работници.