вторник, 22 септември, 2020
Реклама

ДЕСЕТИНА БЕГАЛЦИ ОД АВГАНИСТАН И ПАКИСТАН ПОМИНАА НИЗ ВЕЛЕС. Хуманитарката Ленче Здравкин ГИ ПРЕЧЕКА!

Одејќи пеш по железничката пруга, десетина мигранти синоќа околу полноќ стигнаа во Велес. Сакале тивко, далеку од очите на жителите на градот да го поминат и да продолжат кон северната граница. Ги забележала хуманитарката Ленче Здравкин која живее веднаш до пругата и ги повикала во нејзиниот двор. Изнемоштени, нечисти, гладни, жедни и повредени, внимателно ја прескокнаа оградата и ја прифатија нејзината понуда.

„Многу сме уморни. Нозете ме болат многу. Телото ме боли, исто така. Имаме големи проблеми“, ја почна својата приказна Насурлах, кој е бегалец од Авганистан.

Насурлах – бегалец од Авганистан

Пред повеќе години овие луѓе тргнале од своите родни земји Авганистан и Пакистан во непознато. Стигнале во Турција и оттаму не можеле да продолжат. Се вработиле во локална фабрика, каде што и се запознале меѓусебе.

„Мојот татко го убија Талибанците во 2012 година. Останавме јас, мојата мајка двајца браќа и помала сестра. Ние сме мета на Талибанците“, раскажува Мухамед од Пакистан.

„Сигурноста е голем проблем во мојата земја. Целото мое семејство ми е убиено. Не можевме да останеме таму. Затоа дојдовме овде“, продолжи Насурлах.

Откако минатата недела Турција ја отвори границата за мигрантите, тие се едни од ретките кои имале среќа илегално да влезат во Грција, во обид да дојдат до земјите од западна Европа. Овие луѓе во Македонија влегле пред една недела, на диви премини. По дожд и сонце, студ и ветер, пеш, километар по километар го совладувале патот. Целта им е Франција, а до неа планираат да пешачат низ Србија, Босна, па по воден пат до Италија. Велат дека на турско-грчката граница има многу бегалци, но грчките полицајци не дозволуваат никој да премине.

Мухамед – бегалец од Пакистан

„На сите граници е многу тешко. Десет, дваесет дена немавме ниту храна, ниту вода. Пред една недела илегално ја поминавме границата и влеговме во Македонија. Се движевме преку ридови, вели Мухамед.

Ленче Здравкин, која веќе пет години им помага на бегалците кои поминуваат покрај нејзината куќа, вели дека овие луѓе се дел од спорадични групи, кои успевале некако да ја поминат границата.

„Прво се миеја. Беа многу истоштени, ми кажаа дека многу се истоштени, ми кажаа дека седум дена патувале од грчка граница до Велес. Доста повреди имаат на нозете. Немав доволно обувки за сите, затоа што носат големи броеви, па затоа само половина од нив добија. Им дадов чорапи, чајот се подготвува, ќе вечераат и после краткиот одмор, ќе го продолжат своето патување, рече Ленче Здравкин, која вели дека досега помогнала на преку 40 илјади бегалци.

Групата бегалци, млади момчиња на возраст од околу 20 години, немаа зборови со кои сакаа да и заблагодарат на Ленче Здравкин за нејзината хуманост. Направија и по некое селфи за спомен од нивното најголемо и најнеизвесно патување во животот.

„ Оваа жена е многу добра. На сите нас ни помогна. Мојот пријател е многу повреден и таа му помогна. Ленче е многу добра жена. И благодарам многу. Ми даде џемпер, јакна, се“, се заблагодари Ариф, кој е бегалец од Пакистан.

Велат дека на нивниот пат до Велес немале проблеми, ниту пак некому дале пари за да ги пренесе преку граница. Сметаат дека во европските земји е мирно и се почитуваат човековите права, нешто што е само сон за нивните родни земји.

„ Мојот сон е да ја видам мојата земја слободна. Да нема убивање и насиство. Мојот најголем сон е да дојде мирот во Авганистан“, ја заврши својата приказна Насурлах.

Неизвесноста за овие луѓе е уште поголема, откако Србија најави дека херметички ќе ги затвори границите за мигрантите. Но, тие не размислуваат за тоа. Секој поминат километар за нив се само 1000 метри поблиску до нивната ветена земја.

Погледнете го видеото од репортажата, која ја објави Телевизија 24:

Mon Жан - Играчки