Течат разговорите за формирање нова влада, засега ништо официјално

4
zgrada na vlada na rsm

Разговорите за формирање нова влада меѓу партиите течат, но засега се уште никој официјално не се изјасни дали постигнал договор. И претседателот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остануваат на ставот дека ќе обезбедат парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

СДСМ вчера соопшти дека започнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање Влада.

„Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика ‘Северна Македонија – Едно општество за сите’“, велат од СДСМ.

ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Заев во вторникот во Клубот на пратениците во Скопје СДСМ и понудил партијата да биде дел од новата владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите, информира Азем Садики од ДПА на својот Фејсбук профил.

По кусата средба со Тачи, Заев вчера се сретнал и со претседателите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Алтернатива Африм Гаши. Средбите, како што јави ТВ21, се одвивале далеку од очите на јавноста, а средбата со Зијадин Села била во Собранието. Засега, според телевизијата, од СДСМ не откриваат детали, туку само потврдиле дека Заев се сретнал со претседателите на ДУИ, Алијанса и Алтернатива.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Села во вторникот изјави дека очекува да има правна држава која побрзо ќе стане членка на ЕУ. Според Африм Гаши од Алтернатива, пак, на партиите им треба повеќе политичка култура и волја да им служат на граѓаните.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по конституирањето на Парламентот рече дека е рано е да се зборува за очекувањата и оти нема ништо конкретно во преговорите за нова влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера најави дека во следните денови ќе имаат средби со партиите кои освоија пратенички места за евентуално формирање нова влада, но притоа потенцира дека останува на ставот дека тоа нема да го прави по секоја цена, под закани и уцени, туку врз основа на програмски определби и визија за подобар живот на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ, рече, е партија која ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.

„За мене политиката е на ниво на филозофија, на принципи и на програмски определби и начела. Оттука сите политички чинители кои ценат дека програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на изборите, а која најголем дел тоа би била и програма на работењето на идната влада можат да ја поддржат. Ние сме подготвени да разговараме не само со БЕСА, туку со сите политички партии од коалицијата предводена од СДСМ“, рече Мицкоски.

Ако не успееме, остануваме опозиција, нагласи Мицкоски, додавајќи дека без разлика дали ќе бидат власт или опозиција ќе продолжат да се борат за тоа во што веруваат, а тоа, според него, е создавање подобро општество и овозможување подобар живот за граѓаните.

Од кабинетот на претседателот за ТВ24 вчера порачаа дека Пендаровски нема да кани никого на разговор туку ќе го чека исходот од преговорите помеѓу политичите партии.

„Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

На парламентарните избори што се одржа на 15 јули годинава, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ доби 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два, а ДПА еден мандат.

Извор: libertas.mk

Можеби ќе ве интересира: