понеделник, 21 септември, 2020
Реклама

Нов сет антикризни мерки бара бизнис секторот

Albatros konfekcija 3

Брзо формирање на Влада за нов сет антикризни мерки бара бизнис секторот. Посебно на удар е текстилната индустрија. Бројот на новозаразени во државата постојано оди нагоре, бизнисот со шиење заштина опрема и маски стагнира, а работодавачите велат дека сигурен клуч на врата им се заканува на голем број конфекции во октомври поради намалената побарувачка од нивните традиционални партнери. Се жалат дека сега се оставени сами да се справуваат кога голем дел од работниците се дома. Или се позитивни на корона вирус или се во изолација.

„Минимум што владата треба да обезбеди е исплата на трошоците за вработените кои седат дома, без разлика по кој основ. И во случај ако фирмата има потешкотии во снабдување со работа, наместо да ги отпушти работниците да им скрати работно време на четири часа, а остатокот од четири часа да ги плати државата“ , вели Ангел Димитров претседателот на Организацијата на работодавачи.

Дека е можно да има отпуштања во текстилниот сектор потврдува и анализата на Кластерот за текстил, посебно ако пандемијата со овој интензитет продолжи до крајот на годината. Тоа и догодина би значело помала ликвидност, а повеќе изгубени работни места. Дел од штипските текстстилци уште во јули ја најавија можноста бројот на вработени во оваа гранка да се преполови.

„Нормално би било со 50 насто нарачки да работат и 50 насто од вработените во конфекциите, и со тоа дел од вработените да се најдат во незавидна ситуација“ вели Кирил Нашков, претставник на Кластер за текстил-Штип.

Од бизнис секторот бараат Владата преку електронскиот систем за исплата на плати строго да  контролира дали парите стигнале до вработените и јавно да ги објавуваат сите што направиле злоупотреби. Но бараат и прецизни одредби за да нема манипулации.

„Никаде нема стриктно напишано, член или одредба во која вели дека работодавачот мора да исплати плата. Работодавачот мора да поднесе барање, да поднесе МПИ, да ги одбележи работниците. И потоа има казни за оние кои немале 30 насто продуктивност, кои ги намалиле работниците. Никаде нема казна ако некој работодавец не ја исплатил платата, изјави Ангел Димитров претседателот на Организацијата на работодавачи.

Поради корона вирусот во источниот регион од државата во различни периоди повремено беа затворени над 20 текстилни фабрики. Најголемиот дел во Штип, а останатите во Свети Николе и Пробиштип. Поради алармантната ситуација во Штип дел од конфекциите од први Август се на колективен годишен одмор. Голем дел од нив со работа стартуваат од утре, во време кога најголемиот текстилен град во државата секојдневно бележи двоцифрени бројки на заразени со корона вирус.

Можеби ќе ве интересира:

Mon Жан - Играчки