Царинските служби во изминатите денови спречија неколку обиди за нелегален внес на разна стока преку Меѓународниот аеродром Скопје и граничните премини Табановце, Богородица и Ново Село.
На скопскиот аеродром, државјанин на Обединетите Арапски Емирати со потекло од Индија се обидел да внесе 76 парфеми од Дубаи без да ги пријави. Иако се определил за т.н. „зелен канал“, царинските службеници поради сомневање го упатиле на контрола. При прегледот на два куфери кои ги носел со себе, парфемите биле пронајдени и запленети.
Во друг случај на истиот аеродром, при контрола на патник кој требало да патува на релација Скопје – Лондон – Лутон, биле откриени 260 пакувања тутун од по 50 грама. Тутунот бил сокриен и не бил пријавен.
На граничниот премин Табановце, возач на камион се обидел да прошверцува соларен инвертер. Нелегалниот товар бил откриен со помош на мобилниот скенер, кој укажал на неправилности во кабината. По дополнителен физички преглед, цариниците го пронашле инвертерот и го заплениле.
Истиот граничен премин беше точка и на друг шверц. Во багажот на патник кој патувал со автобус на линија Скопје – Белград биле откриени 129 парчиња суплементи „Zeo Medic“. Стоката била запленета, а против патникот е покрената соодветна постапка.
На преминот Богородица, цариниците спречија шверц на 3.150 ќесички маџун со додатоци. Патникот, кој патувал со автомобил, на прашањето дали има нешто да пријави, одговорил негативно. Но, при детална контрола на возилото, во три куфери биле откриени непријавените производи.
Во друг случај на Табановце, мобилен царински тим заплени 463 парчиња облека со логото на познати брендови како „Ралф Лаурен“, „Диор“, „Бос“ и други. Стоката била откриена при контрола на камион, поради сомневање за повреда на интелектуални права.
На граничниот премин Ново Село, патник се обидел да внесе различна непријавена стока – ножеви, клучеви, рибарски прибор, слушалки и машинка за стругање. Производите биле откриени при детална контрола на возилото, во багажникот и меѓу седиштата.
Од Царинската управа информираат дека сите запленети производи се задржани, а против сторителите се преземаат законски мерки.