ССМ со протестен марш за 1 Мај, КСС со повик на социјален дијалог

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, со синдикален протест, при што ќе побара зголемување на платите и подобрување на работничките услови.

Zito akcija 640x289px

Како што соопшти претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, протестната поворка ќе тргне од пред Работничкиот дом во 11 часот, ќе мине покрај Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. ССМ бара минималната плата да изнесува најмалку 500 евра, како и покачување од 100 евра на сите други плати, почитување на колективните договори и зголемување на платите согласно нивните одредби.

Agria

Кон протестот, како што најави Трендафилов, ќе се приклучат и други синдикати кои, според него, се борат за заштита на работничките права.

Од друга страна, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува во протестот. Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, изјави дека во земјава постои добар социјален дијалог и дека прашањата се решаваат преку разговор.

Трендафилов истакна дека протестот претставува начин да се изрази незадоволството од ниските плати во Македонија, за кои рече дека се најниски во регионот.

„Протестот е начин на Први мај да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а не зборуваме и за пошироко. Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикува сите кои му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, 1 мај во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест на рутата на движење – Собрание – Стопанска комора – Влада“, повика Трендафилов.

Тој потенцира дека само синдикалци можат да му наштетат на работникот.

„Како што сум кажувал многу пати во минатото и кога синдикалци поддржуваат владини политики тоа секогаш е на штета на работниците. Тоа што го кажал и претседателот на УПОЗ минатите неколку денови е тоа што има уцена за укинување на еден колективен договор за 130 илјади работници во јавниот сектор во Македонија на сметка на неколку илјади работници во јавниот сектор. Тоа што забораваат да ви го кажат или забораваат да го кажат колегите од другите синдикати кои за жал, слават први мај на 30 април е тоа што тие прифаќаат далеку пониски износи од тоа што е предвидено денеска и со закон и со колективен договор. ССМ нема да дозволи ниту еден работник од ССМ да пати за зголемување на платите“ – рече Трендафилов.

Според него, недостатокот од социјален дијалог се должи на тоа што нема функционален Економско-социјален совет и репрезентативен синдикат на страната на работниците.

„Се додека имаат изговори дека немаат социјален партнер репрезентативен од спротивната страна да ги истакнува барањата на работниците ако не нè слушаат на маса ќе нè слушаат на улица – истакна Трендафилов.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, пак, изјави дека денеска ќе остане дома со семејството и додаде дека КСС излегува на протест кога смета дека има реална потреба.

„Сега велиме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест“, изјави Ралповски за време на конференцијата „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“.

Тој додаде дека и без репрезентативни синдикати, постои дијалог со Владата на ниво на грански синдикати, која, како што рече, изразила подготвеност од 1 Мај да се иницира поголемо зголемување на платите во јавниот сектор. Зошто тоа нема да се реализира, според него, треба да одговорат оние што протестираат.

Инаку, Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во чест на работничките протести одржани во Чикаго во 1886 година, кога се барало воведување на осумчасовно работно време. Во 1889 година, на конгресот на Втората интернационала, е донесена Декларација со која се повикуваат работниците ширум светот на демонстрации за подобрување на својата положба. Од тогаш, 1 Мај се одбележува во многу земји со протестни маршеви. Во Македонија, овој ден е прогласен за неработен согласно Законот за празници, а како државен празник се слави во повеќе од 80 земји ширум светот.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: