Борец Баскет со американско засилување во новата сезона на Втората лига

Кошаркарскиот клуб Борец Баскет од Велес најавува интересна сезона со новитети и засилувања, а најголемата вест е ангажманот на американскиот кошаркар Дерек Елис Јуниор. Овој 23-годишен бек-шутер доаѓа од колеџот Флаглер, каде што настапуваше во NCAA Дивизија 2 и беше стандарден член на стартната петорка.

Во минатата сезона, Елис Јуниор започна на сите 23 натпревари за Флаглер, при што бележеше просек од 9,7 поени, 4,0 асистенции и 1,8 украдени топки по натпревар. Со неговото доаѓање, Борец Баскет ќе добие значителна офанзивна и дефанзивна поддршка, што се очекува да донесе нова динамика и квалитет во играта на тимот.

Agria

Оваа сезона, според новите правила на Кошаркарската федерација, и второлигашките клубови добија можност да регистрираат по еден странски играч, што Борец го искористи за да донесе американски шмек во своите редови.

Иако Елис Јуниор ќе ги пропушти првите натпревари од првенството, кое треба да започне овој викенд, постојат најави дека поради изборниот циклус, стартот на сезоната би можел да биде одложен за една недела. Тоа би му дало дополнително време за аклиматизација и подготовка пред својот прв настап во дресот на велешани.


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: