ФЕРОИНВЕСТ ја изведе првата батерија во Македонија, која, согласно новите законски одредби, има градежна дозвола, согласност за приклучок на мрежа и лиценца за складирање електрична енергија. Батерискиот систем е поставен на фотонапонската електрана во Гиновце, во близина на Крива Паланка, која е во делумна сопственост на сестринската компанија ЦЕНТРАЛИНВЕСТ, заедно со неколку деловни партнери.
Електраната има инсталирана моќност од 4,5 MW (мегавати) и батериски систем од 6,1 MWh (мегаватчаса), со кој секојдневно управува ФЕРОИНВЕСТ преку сопствен систем за програмирање и контрола. Искуството од првите недели од работењето на батеријата покажува дека е постигната двојно повисока цена за продажба на електричната енергија во споредба со фотоволтаична електрана без батерија.
Ова значи дека батеријата ќе се исплати за 3 години, а ќе има и значително подобрена исплатливост на самата електрана. Батеријата овозможува електричната енергија да се складира во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и да се користи или продава во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката на енергија и пазарните цени се драстично повисоки.
На овој начин батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот. Овој тренд, кој произлегува како последица од инсталирањето на поголем капацитет на фотонапонски електрани од реално потребниот, ФЕРОИНВЕСТ го согледаде уште пред две и пол години и започна со истражување и инвестирање во развој на батериски системи.
Најнапред истите ги инсталира на сопствени проекти, а во моментов работи и на батериски системи за други инвеститори, со капацитет од над 50MWh, кои ќе почнат со работа од нова година. Во Македонија се инсталирани над 1.000 MW фотонапонски електрани, за кои ќе бидат потребни околу 2.000 MWh батериски системи. ФЕРОИНВЕСТ ќе учествува во значителен дел од овие проекти, и како изведувач и како инвеститор.