Ова е заедничка победа, ова е победа на вербата, надежта, копнежот за иднина, ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се боревме, неговите надежи и наѓата заедничка татковина, рече Мицкоски.
„Вечерва Македонија повторно покажа зрелост. Победивме во Скопје, убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош, победа и во Аеродром и во Чучер Сандево. Беше жилава борба, тешка борба, со многу предизвици, се одлучуваше во 5 до 12. Знаете дека, не заслужува ниту името да му го спомнам, тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби. Не успеа, поразен е, Брвеница останува Јоцо градоначалник. Победивме и во Валандово, во Дојран и во Крушево кои досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани, во нашето Кочани кое мора да го издигнеме и поткрепиме. Но, мора да соопштам и признам една посебно силна порака која доаѓа од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари, падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот“, додаде Мицковски.
Додаде дека изборниот резултат е порака до СДСМ.
„Морам да признам дека не сум среќен поради нивниот дебакл, но тоа е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор со времето“, рече тој.
Покрај освоените три градоначалнички места во првиот изборен круг на овие локални избори, денеска победија и градоначалниците на СДСМ во Центар, Зрновци и во Македонска Каменица, кажа вечерва лидерот на социјалдемократите Венко Филипче.
„Кандидатите за градоначалници од СДСМ и коалицијата во вториот круг, се соочуваа секојдневно со невидени притисоци и уцени, но тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, критикуваше Филипче откако им ја честиташе победата на сите градоначалници.
Тој заклучи дека според гласовите на овие избори СДСМ е втора партија по освоените советнички листи и прва опозициона партија.
Во кусиот говор во партиското седиште, тој најави конгрес и кадровски промени, но дека него нема тие промени да го опфатат.
„Јас кажав и минатиот пат дека нема да дадам оставка, бидејќи јас сум претседател многу краток период. Раководството ќе биде реконструирано во следниот период, ќе чуете во текот на следните денови“, кажа Филипче.




















