Минималните месечни трошоци потребни за егзистенција на едно четиричлено семејство во ноември изнесувале 65 173 денари, покажуваат најновите податоци од синдикалната минимална кошница, која ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Оваа сума претставува намалување од 371 денар во споредба со октомври, кога за минимални трошоци беа потребни 65 544 денари. Според пресметките на ССМ, доколку семејството живее под кирија, потребни му се и дополнителни трошоци.
Најголем дел од сумата во кошницата и понатаму отпаѓа на основните потреби – храна и домување. За ставката храна и пијалаци на семејствата им се потребни 23 534 денари, додека за подмирување на режиските трошоци треба да одвојат 6 130 денари. Останатиот дел од сумата ги покрива трошоците за превоз, облека, здравје, хигиена, култура и образование.

















