Денешното 11. коло од Третата фудбалска лига – Југ донесе промени на врвот на табелата. Екипата на Превалец од Велес на гостувањето во Прилеп го совлада тимот на Ултрас со 2:1 и се искачи на лидерската позиција, искористувајќи го тоа што Борец 1919 во ова коло беше слободен.
Двата велешки колектива сега имаат по 25 бодови на своето конто, но Превалец се одлепи благодарение на подобрата гол-разлика и моментално ја држи првата позиција на табелата.
Гостите од Велес рано го решија прашањето за победникот. Маневски Кристијан го отвори резултатот во 10. минута, а само четири минути подоцна Секуловски Давид ја удвои предноста на Превалец. Домаќините успеаја да го намалат резултатот во 75. минута преку Тошески Бобан, но тоа беше сѐ што и го дозволи одбраната на велешани.
Со оваа важна победа, Превалец потврди дека сериозно атакува на првото место и највисокиот пласман оваа сезона. Во следното коло тие ќе го пречекаат составот на Башкими од село Горно Јаболчиште.
















