Во првите 12 часа забележани се неверојатни 65.000 прекршоци преку системот „Безбеден град“ (Safe City), соопшти министерот за бнатрешни работи Панче Тошковски.
„Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место“, рече Тошковски.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот се регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистрирано возило 1.000.
„Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Со „Безбеден град“ обезбедуваме подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите“ – додава тој.
Министерот порача дека посветено се продолжува со модернизација на процесите и унапредување на квалитетот на работата на МВР.

















