Половина од општинските јавни претпријатија во државата 2024 година ја завршиле со загуба, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Од вкупно 128 јавни претпријатија, дури 71 – односно 55% – оствариле негативен финансиски резултат, со акумулирани загуби што достигнуваат 17,4 милиони евра, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според податоците, најголем дел од вкупниот минус го генерираат само првите десет претпријатија на листата – нивните загуби изнесуваат 13,5 милиони евра, што претставува 77% од сите загуби на локалните јавни претпријатија.
На врвот на оваа негативна листа се три скопски комунални претпријатија: „Водовод и канализација“ со загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ со 2,6 милиони евра и „Комунална хигиена“ со 1,2 милиони евра.
Следуваат две битолски претпријатија – „Водовод“ со еден милион евра загуба и „Комуналец“ со 960.000 евра. На листата се и скопски „Паркови и зеленило“ со 944.000 евра минус, како и комуналните претпријатија „Водовод“ од Кочани (902.000 евра), „Охридски комуналец“ (597.000 евра) и „Водовод и канализација“ Прилеп (462.000 евра).
Особено значајно за Велес е што ЈКП „Дервен“ се најде меѓу десетте јавни претпријатија со најголеми загуби во земјава. Претпријатието 2024 година ја завршило со минус од околу 600.000 евра, што го позиционира во најкритичната група локални комунални субјекти со сериозни финансиски предизвици.
Овие податоци укажуваат на потребата од подлабока анализа на работењето и финансиската одржливост на јавните претпријатија, со особен акцент на оние кои, како „Дервен“ Велес, се од суштинско значење за секојдневните комунални услуги на граѓаните.

















