Ракометниот клуб „Гемиџии“ е создаден од нужда, но и од визија – да не се згасне интересот за ракомет кај најмладите во Велес. По згаснувањето на „Фруитленд Борец“, околу 60 деца на возраст од 8 до 15 години ќе останеа без клуб, па тренерите Сашко Радевски и Никола Василев решија сами да го формираат новиот тим. Иако со ограничени финансии и без организирана лига за најмладите, „Гемиџии“ денес работи исклучиво со млади категории, со јасна цел – создавање база на домашни играчи и враќање на Велес на ракометната мапа.
Батали.нет: Годинава се формираше ракометниот клуб „Гемиџии“. Како дојде до идејата за основање на нов клуб и што ве мотивираше да започнете токму со работа со млади категории?
„Идејата за формирање на Гемиџии беше заедничка со мојот колега Никола Василев , по загснувањето на претходниот клуб во кој што работевме Фруитленд Борец , базата на дечиња околу 60 од 8 до 15 год, кој доколку не формиравме клуб ќе немаа каде да се натпреваруваат и тренираат и ќе беа оставени сами да се снаоѓаат во други градови. За жал кадетите кој што долги години ги тренирав веќе мораше да ги пуштиме во други клубови да се снаоѓаат поради недостиг на финансиски средства. Мотивација од секогаш ми била работата со најмладите да формираш играчи од најмала возраст па се до сениори е голем благодет ,еве веќе седма година по ред како сум вклучен со работа во овие категории и е вистински предизвик и задоволство да се работи со млади ракометари“.
Батали.нет: Клубот во моментов функционира исклучиво со млади ракометари и се натпреварува во кадетска конкуренција. Каков е интересот кај младите за ракомет и со каков потенцијал располага оваа генерација?
„Да точно годинава се натпреваруваме во пионерска конкуренција и сме една од најмладите екипи во лигата ,каде што освен неколкумина играчи што се генерација 2010/11 сите останати се 2012/13 . Оваа година планираме што повеќе да ги воиграме нашите играчи кој што цениме дека понатаму имаат голем потенцијал за повисоки дострели. Инетерес има кај младите во Велес но хендикеп е што во моментов недостига организирана лига од Ракометната федерација на Македонија за најмладите па приморани се да чекаат официјални натпревари дури во пионерска лига , а дотогаш само преку пријателски натпревари да ја изучуваат ракометната игра и се надеваме дека во иднина ќе се формира лига да може да се натпреваруваат и докажуваат уште од најмала возраст“.
Батали.нет: Што значи за еден нов клуб фактот што фокусот е ставен на правилен развој, тренажен процес и создавање база, наместо на брзи резултати?
„Според мене фокусот на сите клубови треба да биде во создавање на домашни играчи ,база која е за доброто на ракометот во Македонија“.
Батали.нет: Велес оваа година остана без сениорски ракометен клуб, откако Борец веќе втора сезона не се натпреварува, а поранешниот суперлигаш Фруитленд Борец престана да постои. Како ја оценувате моменталната состојба на ракометот во градот?
„За жал моменталната слика на сениорскиот ракометот во град Велес е лоша , се надевам дека во блиска иднина повторно ќе се активира некоја екипа со сениорски ракомет затоа што Велес важи за ракометен град“.
Батали.нет: Какви се условите за работа – од инфраструктура и термини, до поддршка од институциите и спортската јавност во Велес?
„Моментално работиме со две млади групи едната во училиштето „Панко Брашнаров“, другата во ООУ „Васил Главинов“ , и пионерската екипа која што ја водиме заедно со Никола во училиштето Блаже Конески, не сакам да навлегувам во делот за термините да не бидам погрешно разбран бидејќи како единствен ракометен клуб кој го преставува Велес требаше да добиеме некој термин повеќе, но се надеваме наредната сезона дека ке се реши и тоа прашање . За самото формирање искрено трошковите си ги сносевме сами со колегата , каде подоцна ни се приклучија неколку спонзори каде во оваа прилика сакам да им се заблагодарам за нивната помош тоа се Тања 2000 , Мон Жан бебе маркет и секако до Optimum Creative Solutions. Се надеваме во иднина за финансиска помош и од Општина Велес и Сојуз на спортови на град Велес, сепак овие деца се борат во најдобро светло да го престават нашиот град во ракомет“.

Батали.нет: Кои се краткорочните цели на клубот во кадетската конкуренција и што би значел успех за „Гемиџии“ во оваа фаза на постоење?
„Нашите цели се оваа година да се воиграме што е можно повеќе и да пробаме да добиеме уште некој напревар во вториот дел од сезоната, за поголеми достигнувања очекуваме наредната нтпреварувачка година каде веќе ке се натпреваруваме со иста возраст на играчи“.
Батали.нет: Со каква визија го гледате развојот на клубот во наредните неколку години и дали постои реална надеж Велес повторно да добие стабилен сениорски ракометен колектив?
„Нашата визија како клуб е јасна работа исклучително со млади категории и создавање на база на играчи , за сениорски тим сепак треба многу поголема организација многу поголеми финансии но се надеваме дека во блиска иднина сето тоа ке се промени“.
Батали.нет: Каква порака би им испратиле на родителите, младите спортисти и љубителите на ракометот на прагот на новата година?
„Драги родители бидете секогаш подршка на вашите деца без разлика и во пораз и во победа бидејќи вашата помош е непоходна во нашата заедничка цел успешни спортисти ! На младите би им посакал многу здравје , љубов и успех во новата година!“

















