Маневски: Превалец е зрел за чекор напред – есенската титула не е случајност

Manevski Dimce

ФК Превалец ја затвори есенската полусезона како лидер и уште еднаш покажа зошто две децении важи за еден од најстабилните третолигаши во Македонија. Во разговор за Батали.нет, Димче Маневски вели дека првото место е резултат на континуитет, добра организација и создадена конкурентна средина во тимот, а пролетта ја најавува како борба до последното коло со јасна цел – шампионска титула и историски исчекор кон повисок ранг.

Батали.нет: Превалец ја заврши есенската сезона како есенски шампион. Каков е вашиот впечаток од досегашниот дел од сезоната?

Agria

„Задоволни сме од тоа како одигравме во есенскиот дел од сезоната. Тоа што сме есенски шампиони доволно говори дека клубот е сериозен, атмосферата во него е одлична во секој поглед, односно мислам дека организациски, играчки и финансиски сме стабилни за натпреварување во третата лига. За нас како клуб ова е одличен успех по одигрување на натпреварите од првиот дел од сезоната 2025/2026“.

Батали.нет: Минатата сезона завршивте како второпласирана екипа. Што мислите дека беше клучот за овој скок на табелата оваа есен?

„ФК Превалец во континуитет без прекин 20 години се натпреварува во третата лига и досега во претходните 19 првенства 8 пати завршил како второпласиран што само по себе говори за одличниот рејтинг на клубот во друштво на третолигашите. ФК Превалец последните две сезони 2023/2024 и 2024/2025 на крајот од првенствените сезони на табелата завршува како второпласиран и е екипа која секогаш е во првите три – четири позиции на врвот на табелата. Во летниот преоден рок регистриравме 7 нови играчи кои заедно со играчите кои настапуваа пролетта создадоа квалитетна и конкурентна средина каде за секоја позиција имавме по двајца играчи па оттука мислам и дека тоа е клучот за првото место оваа есен“.

Батали.нет: Во последниве 15 години, Превалец се смета за еден од најстабилните третолигаши. Како успевате да ја одржите таа стабилност?

„ФК Превалец оствари влез во трета лига во далечната 2006 година кога беше првак во ОФЛ Велес и преку бараж натпревар избори пласман во повисок ранг на натпреварување. Во овие 20 натпреварувачки сезони, 2006/2007 до 2025/2026 (вклучително и тековново првенство) ФК Превалец со гордост може да каже дека е единствен клуб од ОФС Велес кој настапува во континуитет без прекин во трета лига и остварува одлични резултати. Сета оваа стабилност успеавме да за одржиме на меѓусебна почит, доверба и посветеност на сите играчи и членови на управа кои биле ангажшрани во нашиот колектив“.

Батали.нет: Кои млади играчи од клубот покажаа најголем напредок оваа есен и кои се вашите очекувања за нив?

„Во клубот ангажирани млади играчи (под 21 година) има 9 играчи кои конкурираат за првиот состав. Би ги издвоил четворица со најголема минутажа на теренот при одигрување на натпреварите, а тоа се Андреј Бабунски, Александар Јордановски, Стефан Коџабанов и Лука Наумов. И останатите кои не се спомнати и овие млади играчи кои претходно ги наведов поседуваат голем потенцијал, кај сите нив има напредок и доколку продолжат со напорна работа и посветеност се надеваме дека еден ден ќе играат во фудбалските екипи во Македонија кои играат во повисоките рангови односно прва и втора лига“.

Батали.нет: Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте оваа сезона и како успеавте да ги надминете?

„Реално, во овие лиги (5 трети лиги во Македонија) каде фудбалерите не примаат финансиски средства односно лигите се аматерски за нас како клуб најголем предизвик покрај недостатокот на финансии би го издвоил и фактот дека тешко се реализираат предвидените тренинзи. Со цел да го надминеме трендот на недоаѓање на тренинг делумно успеавме да го надминеме проблемот со одигрување на контролни натпревари со противници од ОФЛ Велес како и организирање на тренинг натпревари помеѓу себе на фудбалското игралиште во Превалец. Одзивот и посетеноста кога имаме натпревари е многу поголема во споредба кога е предвиден класичен тренинг“.

Батали.нет: Какви се плановите за пролетниот дел од сезоната и дали се очекуваат некакви засилувања или промени во тимот?

„ФК Превалец како екипа во секој првенствен натпревар влегува со една цел, а тоа е да се одигра најдобро што може и да се освари победа. Плановите и за пролетниот дел од првенството се слични како и есенва. Се надеваме на добри резултати и неизвесна борба до самиот крај на првенството за задржување на првото место и остварување на нашата цел, да бидеме шампиони оваа сезона. Планираме со почетокот на месец февруари да отпочнеме со подготовки, да одиграме 5-6 контролни натпревари со цел да го почнеме првенсвото во пролетниот дел физички, технички и тактички што е можно поподготвени. На Вашето прашање околу можни засилувања и промени во тимот мојот одговор би бил дека нови играчи се надеваме дека ќе ангажираме и тие би го подигнале нивото на квалитет за играње на екипата. Но сепак сега е премногу рано да излеземе со конкретни имиња затоа што преодниот рок е од 15.01.2026 до 11.02.2026 и има доволно време за разговори и договори со потенцијални нови играчи кои би пристапиле во ростерот на ФК Превалец“.

Батали.нет: Што мислите дека е најважното за одржување на победнички менталитет во екипа како Превалец?

„За да има победнички менталитет во средина каде што фудбалерите немаат финансиски бенефит, истиот се гради и одржува на база на другарство, меѓусебна поддршка и почит помеѓу самите нив но и со добро лидерство, посветеност и логистика од сите лица кои се членови на управата и кои безрезервно и со голем ентузијазам одработуваат за доброто во клубот. Соблекувалната е според мене клучниот фактор каде пред секој натпревар од страна на тренерот се одржува состанок на кој се делегираат задачи на секој фудбалер и истовремено се одржува еден силен мотивациски говор кој го крева адреналинот и ги поткрева победничките емоции кај сите играчи“.

Батали.нет: Ако можете да порачате нешто до навивачите за следната година, што би било тоа?

„ФК Превалец е клуб формиран во 1978 година, кој опстојува вкупно 47 години на фудбалската мапа во Македонија. Веќе претходно потенцирав 20 години непрекинато играме во Третата лига југ. Мојата порака до навивачите би била да бидат горди на резултатите и успехот на клубот кој го градиме од година во година. ФК Превалец е клуб кој е препознатлив на македонската фудбалска јавност. Можеби токму идната година по завршувањето на пролетната сезона на нашите навивачи ќе им го подариме најголемиот успех во историјата на клубот, а тоа е освојување на шампионската титула, а потоа преку бараж натпревар и влез во втора фудбалска лига“.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: