Интензивна сезона исполнета со трки, големи организациски предизвици и силна меѓународна конкуренција ја одбележа 2025 година за кајакарот и тренер Љубомир Спасиќ. Во новогодишното интервју за Батали.нет тој зборува за организацијата на Европскиот куп во кајак спуст во Велес, настапите на Светскиот куп на Матка, личниот пласман во К1 и резултатите на младите кајакари од ККК Арка Борец Велес, кои, како што вели, се доказ дека македонскиот кајак има потенцијал за уште поголеми успеси.
Батали.нет: Годината што изминува беше исклучително динамична за Вас – како би ја оцениле 2025 година од личен и спортски аспект? 2025 година беше навистина интензивна и исполнета на повеќе полиња.
„Од личен аспект, ова беше година во која вложив огромна енергија и како спортист и како човек кој активно работи на развојот на кајакот во Македонија. Спортски, сезоната беше стабилна, со многу трки, силна конкуренција и драгоцено искуство. Не беше лесна, но беше исклучително корисна и мотивирачка за понатаму“.
Батали.нет:Бевте еден од клучните организатори на Европскиот куп во кајак спуст во Велес. Колку беше предизвикувачка организацијата и што значи ваков настан за градот?
„Организацијата на Европскиот куп во Велес беше голем предизвик, но и огромна одговорност. Зад ваков настан стои тимска работа, сериозна логистика и постојана комуникација со европските федерации и клубови. За кајакот, ова е силна промоција на спортот, а за Велес – шанса да се претстави како град кој може да организира врвни меѓународни спортски настани и да привлече спортски туризам“.

Батали.нет:Светскиот куп на Матка беше уште еден голем испит. Дали Македонија покажа дека може да биде добар домаќин?
„Да, без сомнение. Со Светскиот куп на Матка покажавме дека имаме знаење, луѓе и ентузијазам за организација на врвни натпреварувања. Матка е природно идеална локација, а со добра организација може да биде препознатлива кајакарска дестинација и во иднина“.
Батали.нет:Сезоната ја завршивте на 53. место во генерален пласман во К1. Како гледате на тој резултат?
„Секогаш има простор за подобро, но генерално сум задоволен. Конкуренцијата во К1 е исклучително силна, со голем број врвни спортисти од целиот свет. Овој пласман го гледам како реален одраз на сезоната и како мотив повеќе за уште понапорна работа и подобра подготовка“.

Батали.нет: Посебна гордост се резултатите на Вашите кајакари – Благоја Гугинов и Александар Златаров. Колку овие пласмани зборуваат за работата во ККК Арка Борец Велес?
„Овие резултати се најголем доказ дека работата во ККК Арка Борец Велес оди во вистинска насока. Пласманите на Благоја и Александар покажуваат дека со континуирана работа, дисциплина и правилен тренажен процес можеме да бидеме конкурентни и на меѓународно ниво. Како тренер, тоа ми е особена гордост“.

Батали.нет: Кои сегменти од работата со младите кајакари се клучни за успех?
„Најважни се трпението, континуитетот и правилното градење на техниката од најрана возраст. Освен физичката подготовка, многу е важна и менталната стабилност, дисциплината и љубовта кон спортот. Резултатите доаѓаат со време и со правилен пристап“.
Батали.нет: Со какви предизвици се соочува кајакот во Македонија денес?
„Предизвиците се познати – инфраструктурата, условите за тренинг и финансиската поддршка. Но и покрај тоа, кајакот опстојува благодарение на ентузијазмот на тренерите, спортистите и клубовите. Со поголема институционална поддршка, потенцијалот е огромен“.
Батали.нет:Кои се Вашите желби и цели за 2026 година?
„Моја желба е да продолжам со стабилни настапи како спортист, но и уште повеќе да придонесам во развојот на ККК Арка Борец Велес и македонскиот кајак. Целта е повеќе млади спортисти, подобри услови и уште поголемо присуство на Македонија на меѓународната кајакарска сцена“.
















