Шампиони што не стареат: ОК Борец ветерани ја потврдија класата и во 2025

Во година кога ветеранската одбојка во Македонија доби вистинска тежина, структура и респект, ОК Борец ветерани уште еднаш покажа зошто се репер за успех и континуитет. Двоен државен шампион, екипа што ги руши стереотипите дека титулата потешко се брани отколку што се освојува, и колектив што со работа, дисциплина и заедништво ја гради својата доминација. Во новогодишното интервју за Батали.нет, одбојкарот Сашко Миланов зборува за златната 2025 година, тајната на успехот, развојот на ветеранската лига и амбициите што не запираат – ни дома, ни на меѓународна сцена.

Баtали.нет: Зад нас е уште една успешна година за ветеранската одбојка во Македонија. Како ја оценувате 2025 година од личен и спортски аспект?

Agria

!Најпрвин во името на целата екипа ОК Борец ветерани Ви испраќам спортски поздрав и благодарност што медиумски се вклучувате во презентирање на нашите секојдневни активности и не поддржувате како спортски колектив со свежи и навремени информации.Годината зад нас ја оценуваме како мошне успешна и плодна.Имено,нашата екипа по втор пат стана шампион на Македонија и со тоа го повтори успехот од првата натпреварувачка сезона кога премиерно станавме први шампиони во одбојкарската лига за ветерани,а со
тоа ја побивме тезата дека потешко е да се одбрани отколку да се освои новата шампионска титула“.

Баtали.нет: Веќе две години постои официјална ветеранска лига под покровителство на Одбојкарската федерација. Колку ова значеше за сериозноста и развојот на натпреварувањето?

„Точно така, нашата ветеранска лига е под покровителство на Одбојкарската федерација на Македонија и всушност ние одбојкарите сме единствени на ниво на федерации кои имаме формирано официјална лига на натпреварување. Претходно беше пракса одредени ветерански екипи самостојно да учествуваат на пријателски натпревари на разни турнири, пред се тоа се однесува на екипата на Струмица за која и јас настапував во неколку наврати заедно со играчи од Тетово и Штип, па во разговори помеѓу нас играчите се роди идеја за
формирање на Државна лига на натпреварување и по неколку состаноци на претставници на екипите во 2024 година започна овој проект со две екипи од Струмица, Тетово, Шкендија Гевгелија, Прилеп и Велес, а наредната 2025 година се приклучи екипата на Скопје, а од двете Струмички екипи остана една и тоа ОК Струмица ветерани. Натпреварите се играат во турнирски систем каде сите екипи одигруваат едно коло на едно исто место, во еден град и така секој град е домаќин на по еден турнир,по што следува плеј офф на четирите најдобри
екипи по што се добива победникот на првенството. Сериозноста е на високо ниво а со тоа се дава белег на развојот на натпреварувањето кое можам да кажам дека е на ниво на сениорските лиги,а одделни мечеви се по квалитет на ниво на некои сениорски дуели од Првата македонска лига во одбојка“.

Баtали.нет: Вашиот тим две години по ред е шампион. Која е тајната на континуитетот и доминацијата во лигата?

„Како што погоре наведов, нашата екипа е двоен шампион на Македонија, а во првата сезона направивме успех со што испишавме историја која верувам нема да може никој да ја повтори. Имено во лигашкиот дел и во плеј офф натпреварите остваривме исто толку победи со максимален резултат од 2:0, односно не загубивме ни еден сет и со максимална сет количник разлика од 24:0 го освоивме првенството. Истиот успех го остваривме и во втората година со тоа што во овој период од натпреварување загубивме еден натпревар, а сите
останати ги добивме повторно без загубен сет, вклучувајќи ги полуфиналниот меч со Скопје во Велес и финалниот меч на теренот на домаќинот со екипата на Шкендија од Тетово. Едногласна е констатацијата на сите од клубот дека тајната на успехот е хомогеноста, флуидот, вољата и желбата на сите играчи кои се натпреваруваа при што константно и редовно тренираа во текот на целиот тренажен процес. Само редовниот тренинг е добитна комбинација за континуираната доминација во лигата. Екипата на ОК Борец во престојната
сезона без престанок изведуваа тренинзи два пати неделно со присуство на повеќе од 12 играчи со што се отвара прилика да се одигра меѓусебен тренинг меч заради воигрување на екипата. За разлика од нас останатите екипи се жалат поради недостиг на редовни тренинзи, собирање и играње директно на официјалните натпревари“.

Баtали.нет: Колку правилата и старосната граница се добро поставени и дали сметате дека лигата оди во вистинска насока?

„Воглавно правилата ги поставувавме Ние самите екипи,односно претставниците на клубовите, меѓу кои сум и јас, а старосната граница е одредена на возраст од 40+ години,играчите да не настапуваат во официјални сениорски лиги, односно еден играч после активното играње да паузира 2 години по што ќе може да се активира во ветеранската лига. Во првата година дозволено беше учество на еден играч во екипа кој е на возраст меѓу 38-40 години (џокер играч), но во втората сезона се укина тој џокер играч, а за наредната сезона правилата ќе се утврдат на редовниот состанок пред почетокот на првенството кое обично започнува првата недела од април.В еројатно поучени од играчкиот тек во претходната сезона можно е да дојде до некои измени во самите правила на натпреварување за што благовремено ќе бидете известени“.

Баtали.нет: Ветеранските екипи сè почесто настапуваат и на меѓународни турнири. Колку тие натпревари се важни за мотивацијата и промоцијата на македонската одбојка?

„Со освојувањето на двете шампионски титули се створија услови за настап на нашата екипа на разни турнири надвор од нашата земја се со цел на прибирање интернационално искуство преку играње натпревари со јаки екипи воглавно од регионот на бившите ЈУ републики. Учеството на турнири од оваков вид се добредојдени за мотивација на самите играчи кои за противници ги имаат бившите играчи членови на прволигашки и второлигашки екипи од Србија, Хрватска, Словенија, Војводина и Босна а со тоа да се спореди квалитетот на нашата екипа во однос на споменатите противнички екипи од соседството. Организаторите на меѓународни турнири имаат добиено вести за нашиот успех во домашното првенство, па на наша адреса пристигнуваа покани за учество на нивните турнири со што истите добиваа на рејтинг заради учество на шампионската екипа од Македонија. На сите турнири на кои
учествувавме достојно ја презентиравме Македонската одбојка и држава со постигнатите резултати, пристапот, дисциплината и односот на самите играчи. Така, на турнирите во Краљево и Соко Бања од 18 екипи го освоивме третото место, додека врв на штотуку завршената сезона беше освоеното второ место на силниот меѓународен турнир што се одржа во Крањска Гора со учество на екипи од Словенија, Србија и Хрватска. За поздравување е иницијативата на играчите да на овој турнир се отпатува со авион, билети обезбедени од сопствени средства, за истите да бидат што поодморни и спремни за овој Гранд При завршен турнир во годината заради постигнување на висок резултат, кој се оствари и заради тоа освоениот сребрен медал ни е најдраго достигнување на меѓународна сцена“.

Баtали.нет: Минатата година ја добивте 9-ноемвриската плакета, а годинава и наградата за посебен придонес во спортот на избор на Спортист на град Велес. Што значат овие признанија за Вас лично?

„Вестите за успешните резултати постигнати во изминатите сезони се ширеа со брзина на ветрот во градскиот етер,многу љубители на спортот беа запознаени со нашите активности и резултати, нашите натпревари од лигата кои ги игравме како домаќини беа прилично доста посетени, па одтаму гласот стигна и до комисиите за доделување награди како од спортот така и од општествено политичкиот живот на нашиот град, па со право минатата година бевме добитници на 9-то ноемвриска плакета по повод ослободувањето на град Велес. Годинава,поточно на 26.12.2025 година, станавме добитници на наградата за посебен придонес во спортот-Екипа на годината, надвор од конкуренција на сениорите, во изборот на Спортист на град Велес. Овие признанија како за мене лично, така и за играчите претставуваат сатисфакција за стореното, односно би го повторил истиот одговор од пред цели 28 години кога и самиот бев избран за Спортист на градот за далечната 1997 година, на прашањето поставено во иста насока како ова сега. За секој спортист и воопшто човек најголема награда е тоа што целокупниот свој труд вложен во тренинзи, натпревари, одрекување од слободното време, фамилијата и разни секојдневни обврски на крајот ќе биде вреднуван со успех, награда како плод на претходно опишаното“.

Баtали.нет: Кои се најголемите предизвици со кои се соочува ветеранската одбојка денес?

„Првите насоки при формирањето на ветеранската лига беа во правец да постои дружење помеѓу спортистите преку натпреварите, одржување на физичката кондиција во годините после активното играње, развивање на психофизичките способности, релаксирање и опуштање на телото од секојдневниот брз ритам на живот, но и потсетување на ривалствата на
екипите кои во минатото се натпревавувале низ сојузните лиги во одбојка. Првично желбите се остварија па меѓу играчите на екипите постои големо другарство, срдечност, одличен пречек при организирање на турнирите од страна на домаќините и со нетрпение се очекуваше секој нареден турнир. Во духот на играта и ривалството помеѓу екипите од коло во коло се зголемуваа апетитите на екипите за резултатски успех па со големи возбуди и емоции се пратеа секој поен, сет и меч. За наша среќа резултатите ни одеа во наш прилог, пред се поради квалитетот што го поседувавме и на крајот од сезоните заслужено се радувавме. Во однос на предизвиците со кои се соочува ветеранската лига како и во другите лиги основен проблем се финансиите за нормален развој на текот на натпреварувањето. Токму затоа ја формиравме лигата како би имале поддршка од Министерството за спорт, Одбојкарската
Федерација и други институции. Во принцип поголемиот дел од средствата ги обезбедуваме самите играчи (сопствени средства) кои ги користиме за користење на сала, реквизити и обезбедување на опрема, дел добиваме од Општина Велес втора година по ред, а во текот на првенството постојан пријател спонзор ни е нашиот член Зоран Игнов кој се грижи за беспрекорен превоз и безбедно патување на сите натпревари од домашното првенство и на сите турнири надвор од Македонија преку неговата фирма за превоз Ирена Вел Велес“.

Баtали.нет: Со какви амбиции и планови влегувате во новата година – и на лично ниво и во рамки на ветеранската одбојка во Велес и Македонија?

„Обично желбите пред секоја година одат во насока да Јас и моите играчи имаме добро здравје, денови проткаени со многу среќни и радосни моменти,особено важно за нас спортистите е да нема повреди, а успехот ќе зависи од самите нас, а мислам со продолжување на континуитетот на тренинзи во новата година и новата сезона, цел на сите е освојување на третата титула Државен првак, а со тоа постигнување фудбалски кажано хет-трик во освоени првенства и повисоки дострели на меѓународните турнири. На крајот на овој разговор ОК Борец ветерани на сите читатели на Батали.нет и на сите граѓани на град Велес Им ги честита Новогодишните и Божиќните празници со искрени желби за добро здравје, мир и многу љубов“.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: