Борец со злато и подиуми на државните првенства, младите борачи најавуваат уште успеси

Борачите на Боречкиот клуб Борец имаа исклучително успешен настап на државните првенства што се одржаа изминатиот викенд, потврдувајќи дека велешката школа за борење сериозно чекори напред.

Во саботата се одржа државното првенство за борачи до 15 години, на кое учествуваа 110 натпреварувачи од 18 клубови од целата држава. Екипата на Борец токму во оваа категорија ги оствари најдобрите резултати. Ангела Перчинкова доминираше во женска конкуренција и заслужено го освои првото место. Во машка конкуренција, Левче Картинов се закити со сребрен медал, а борачите на Борец освоија и две трети места, со што клубот се вброи меѓу најуспешните на првенството.

Agria

Во неделата следеше државното првенство до 20 години, на кое настапија 105 борачи од 16 клубови. И во оваа возрасна категорија, велешани се искачија на пиедесталот. Полат Зејнелов, Фесал Муареми и Димитриј Петрушевски освоија бронзени медали, а екипата беше на чекор до уште подобар биланс, откако загуби две полуфинални борби и три натпревари за трето место.

Од клубот истакнуваат дека резултатите се плод на континуирана работа и посветеност, а формата на борачите влева оптимизам пред новите предизвици. Веќе следниот викенд, Борец ќе настапи на уште две државни првенства – во категориите до 17 и до 23 години, каде се очекува продолжување на успешната серија.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: