Викендов се одржаа две државни првенства во борење слободен стил, на кои Боречкиот клуб „Борец“ од Велес оствари забележителни резултати и уште еднаш ја потврди својата конкурентност на домашната сцена.
Во саботата се натпреваруваа борачи до 17 години, додека во неделата на душекот излегоа сениорите до 23 години. Велешкиот клуб настапи со вкупно 23 борачи и успеа да освои 10 медали во двете конкуренции
Иако резултатот можеше да биде и подобар, од клубот потенцираат дека за жал повторно биле загубени шест полуфинални борби во текот на двата натпреварувачки дена. Сепак, „Борец“ екипно го освои одличното 5. место во конкуренција до 17 години и 4. место кај борачите до 23 години, во силна конкуренција од вкупно 18 екипи учеснички.

Натпреварувачката сезона продолжува и следниот викенд, кога е на програмата државното сениорско првенство. Од БК „Борец“ изразуваат надеж за нови успеси, по што ќе биде познат и конечниот куп-пласман за оваа натпреварувачка година.

















