Припадниците на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, кои секојдневно се соочуваат со сериозни предизвици и опасности при извршувањето на своите задачи, добија нова и неопходна опрема. Со цел унапредување на безбедноста и ефикасноста на пожарникарите, Општина Велес набави 35 комплета цивилни униформи, 35 пара специјализирани чизми за интервенции при шумски пожари, како и заштитни шлемови наменети за ваков тип интервенции.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека станува збор за континуирана грижа и поддршка за ТППЕ Велес, имајќи ја предвид зголемената зачестеност на пожари, особено во летниот период. Новата опрема ќе придонесе за подобра заштита на пожарникарите на терен, но и за побрзо и побезбедно справување со ризични ситуации.
Со оваа набавка, Општина Велес уште еднаш ја потврдува заложбата за инвестирање во безбедноста на оние кои се на првата линија во заштитата на граѓаните и имотот.

















