Боречкиот клуб Борец од Велес испиша нова светла страница во својата историја, освојувајќи го високото петто место во вкупниот пласман на државното првенство за сениори, во конкуренција на 22 екипи од цела Македонија.
Овој историски успех е крунисан со вкупно четири медали, три бронзени и еден сребрен, што претставува потврда за квалитетната работа и континуираниот напредок на велешките борачи. Со бронзени одличја се закитија Сенат Лимани, Александар Алексов и Феро Емини, кои со своите настапи покажаа борбеност, техника и карактер достоен за респект.
Посебно внимание заслужува настапот на Давид Стојановски, кој со три убедливи победи стигна до финалето, каде што по голема борба беше поразен од европскиот првак Егоров. Сепак, сребрениот медал за Стојановски претставува огромен успех и доказ дека Борец има потенцијал и за највисоките дострели на меѓународната сцена.
Пласманот на петтото место во државата и освоените четири медали се голем успех не само за клубот, туку и за велешкиот спорт во целина. Борец уште еднаш покажа дека Велес има шампиони кои гордо го носат името на градот и поставуваат нови стандарди во македонското борење.

















