Во време кога Велес нема сениорски ракометен клуб, младите и талентирани ракометари од градот се принудени својата иднина да ја градат надвор од родниот град. Наместо пред велешката публика, нивните голови и успеси ќе се слават во други спортски центри.
Еден од најперспективните велешки ракометари, Панче Ристевски, оваа пролет ќе го носи дресот на Македонија Ѓорче Петров во рамки на Првата ракометна лига. Младиот лев бек зад себе има одлична сезона 2023/24, во која блесна на кадетскиот Ф4 турнир, освојувајќи ја титулата најдобар стрелец, но и признанието за најдобар лев бек, потврда за неговиот голем потенцијал и квалитет.
Ристевски веќе им се приклучи на тренинзите на новиот клуб, каде ќе има можност да напредува и да учи од искусниот стратег Оливер Димитриоски. За млад играч како него, работата под водство на докажан тренер претставува значаен чекор во развојот и стабилизирањето на формата на повисоко натпреварувачко ниво.
Додека Велес чека повторно да добие сениорски ракометен клуб, неговите спортски надежи ќе продолжат да растат и да се докажуваат далеку од дома, но со надеж дека еден ден ќе се вратат и ќе му донесат нова ракометна гордост на градот.

















