Одбојкарите на Штип УГД ја продолжуваат победничката серија во домашниот шампионат и испраќаат јасна порака дека сезонава сериозно атакуваат на самиот врв. Во рамките на 4. коло од плеј-офот, штипјани на домашен терен го добија големото дерби против ГОК Борец со 3:1 во сетови (26:24, 25:23, 15:25, 25:23) и направија значаен чекор кон лидерската позиција.
Иако според вкупниот број освоени поени Борец имаше минимална предност во текот на целиот натпревар, пресудна беше концентрацијата во клучните моменти. Домаќините одиграа посигурно во завршниците на првиот, вториот и четвртиот сет, каде што покажаа карактер и шампионска зрелост.
Натпреварот понуди вистинска одбојкарска драма. Првите два сета беа израмнети до последниот поен, а публиката уживаше во долги разигрувања и неизвесна завршница. Борец возврати во третиот сет, кој убедливо го доби со 15:25, но Штип УГД не дозволи изненадување и во четвртиот сет повторно ја презеде контролата за конечни 3:1.
За велешани ова беше третиот пораз во сезоната. Наредното коло Борец ќе го пречека актуелниот шампион Струмица кој ова коло беше изненаден на домашен терен од екипата на Работнички со резултат 1:3.

















