Возбудувањата во Третата фудбалска лига – Југ продолжуваат викендов, а во фокусот се велешките ривали Борец 1919 АД и Превалец, кои од врвот на табелата ја водат неизвесната битка за шампионската титула и пласман во баражот за Втората лига.
Двата тима најавуваат борба до последниот свиреж во сезоната, со јасна цел, освојување на првото место кое носи можност за чекор погоре во македонскиот фудбал.
Во недела, на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес, Борец 1919 АД ќе ја пречека екипата на Росоман, тимот кој единствено успеа да го совлада велешкиот состав во есенскиот дел од првенството. Тоа му дава дополнителна тежина на овој натпревар и мотив повеќе за домаќините да се реваншираат.

Во исто време, Превалец ќе гостува во прилепското село Мало Коњари, каде ќе се соочи со тимот на Млекар. И за Превалец нема простор за кикс, бидејќи секој бод може да биде пресуден во трката за титулата.

Натпреварите започнуваат во 14 часот, а викендов повторно ќе се испишуваат нови страници во драматичната борба за врвот во јужната третолигашка конкуренција.

















