Кошаркарите на Борец Баскет со убедлива победа над Водно Санс од 112:65 обезбедија место во плеј-оф разигрувањето за пласман во Супер лигата, каде што ќе се бори за едно место меѓу прволигашите. Велешани одиграа доминантен натпревар и уште од самиот старт ставија до знаење кој ќе се радува на крајот.
Победникот се насетуваше по првата четвртина која Борец Баскет ја доби со 31:20, а до полувремето предноста дополнително порасна на 57:33. Во третата четвртина домашните продолжија со силното темпо, па разликата достигна огромни плус 39 (90:51), со што практично беше решено прашањето околу победникот.
Во последниот период тренерот им даде шанса и на играчите со помала минутажа, кои рутински го приведоа натпреварот до крај за конечни убедливи 112:65 и големо славје за пласман во плеј-оф фазата.
Најефикасен во редовите на Борец Баскет беше Трпевски со 26 поени, Зион Јанг постигна 17, додека Коцевски додаде 16 поени. Во следното коло Борец Баскет ќе гостува кај екипата на Охрид, во натпревар кој ќе биде можност за остварување подобро место пред почетокот на плеј-оф разигрувањето.

















